ФУДБАЛ – БУНДЕСЛИГА

Пред основањето на Бундеслигата во 1963 година, Баерн имаше 11 титули, а Борусија ретко беше во трката по трофејот. Во 1966 година, Борусија стана првиот германски тим со европски трофеј (КПК), во 1970-тите години Борусија четири години беше во втората лига, а Баерн освои три европски титули во низа. Во 1980-тите беше поурамнотежено, во 1990-тите работите почнаа да се менуваат во полза на Борусија (први две титули во Бундеслигата и европска титула во 1997 година), а потоа следуваше клупски колапс, од кој Баерн ги спаси „жолто-црните“. По доаѓањето на Клоп во сезоната 2010/2011, Борусија освои две титули и тогаш почна вистинското ривалство како што денеска е познато

На стадионот „Вестфален“, в сабота (18.30 часот), ќе се игра 107-от т.н. „Дер класикер“, дерби-меч помеѓу Борусија Дортмунд и Баерн во деветтото коло во германската фудбалска Бундеслига. На досегашните натпревари се постигнати неверојатни 342 гола, од кои 129 постигнале фудбалерите на Борусија, а 213 на Баерн, или во просек 3,23 по натпревар. Досега само пет меча завршиле без голови, од кои два од почетокот на векот.

„Дер класикер“ е сличен, но само по име, со шпанското „Ел класико“, Барселона – Реал Мадрид или со „Суперкласико“ во Аргентина, Бока јуниорс – Ривер плата, и не е дерби како она на Милано, Милан – Интер, „Олд фирм“ во Глазгов, Селтик – Ренџерс, или на Мерсисајд, Ливерпул – Евертон. „Дер класикер“, поедноставено, е дуел меѓу најголемите домашни ривали и е феномен од поново време, пишува Бундеслигата на својата интернет-страница. Двата клуба што имаат најголема просечна посетеност во Европа на своите натпревари освоија 23 од претходните 27 титули во Бундеслигата, со доминација на тимот од Минхен.

Пред основањето на Бундеслигата во 1963 година, Баерн имаше 11 титули, а Борусија ретко беше во трката по трофејот, беше четврта, трета, втора и трета во првите четири години од формирањето на Лигата. Во 1966 година, Борусија стана првиот германски тим што освоил европски трофеј, во Купот на победниците на куповите (КПК). Во текот на 70-тите години од минатиот век, Борусија четири последователни години беше во втората лига, додека Баерн освои три последователни европски титули, во 1974, 1975 и 1976 година. Во текот на таа деценија, Баварците ја забележаа и најголема победа над Борусија во Бундеслигата, 11-1. За многумина, таа ера беше раѓањето на оригиналниот германски „класик“ Баерн – Борусија Менхенгладбах, кога тие доминираа во домашниот фудбалски пејзаж освојувајќи девет титули меѓу себе.

Во 1980-тите беше поурамнотежено, со седум победи на Баерн и четири на Борусија на 20-те средби во Бундеслигата. Но во 1990-тите работите почнаа да се менуваат во полза на Борусија, во ерата на Отмар Хицфелд кога беше освоена првата титула во Бундеслигата во 1995-та, а потоа одбранета во следната сезона. Кулминација беше европската титула во 1997 година. Во 2001 година беше освоена третата титула, за потоа да дојде клупски колапс поради лошото финансиско работење од кое Баерн ги спаси „жолто-црните“, со заем од два милиони евра. По доаѓањето на Јирген Клоп во сезоната 2010/2011, Борусија освои две титули и тогаш почна вистинското ривалство како што денеска е познато. Во 2013 година тие игра меѓу себе и во финалето на Лигата на шампионите (ЛШ) на стадионот „Вембли“, а победи Баерн со 2-1. Л.Д.