„Клучната работа е да ја знаете својата позиција во меѓународниот фудбал“

ВИНСЕНТ МАНЕРТ, ДИРЕКТОР НА БРИЖ, НАЈПРИЈАТНОТО ИЗНЕНАДУВАЊЕ СЕЗОНАВА ВО ЛШ

Она што се обидуваме да го направиме е да не избираме меѓу кокошката и јајцето, туку да одиме на двете. Тоа значи дека треба да продолжиме да победуваме додека ги продаваме нашите најдобри играчи. Од една страна сте дел од синџирот со поголемите и со помалите риби од себе и треба да го почитувате тоа, а од друга страна, како врвен тим во Белгија, треба и да победувате ако сакате да бидете лидер на пазарот и да играте во ЛШ. Успехот не може да се гарантира, затоа она што се обидуваме да го направиме е да го исклучиме неуспехот. Тешко е да се комбинира успех со играчи во развој, но и тоа е можно, рече Манерт, кој е директор на Бриж, кој, пак, стана првиот белгиски тим што победил на првите три натпревари во ЛШ

Бриж е најпријатното изненадување сезонава во фудбалската Лига на шампионите (ЛШ), станувајќи првиот белгиски тим што победил на првите три натпревари во елитното натпреварување. Бриж во групата Б славеше на дуелите со Порто на гости (4-0) и со Баер дома (1-0), а триумфот над Атлетико (2-0) неделава беше 14-ти во ЛШ, еден повеќе од досегашниот рекордер, Андерлехт. Вкупната гол-разлика на Бриж по три кола е 7-0.

Бриж, кој е формиран во 1891 година, е еден од најтрофејните клубови во Белгија, со 18 титули (поуспешен е само Андерлехт со 34 титули) и со рекорден број национални купови (11). Бриж е единствениот белгиски клуб што досега играл во две големи финалиња, во Купот на европските шампиони (КЕШ), сега ЛШ, во 1978 година кога загуби од Ливерпул (0-1), и во финалето на Купот на УЕФА во 1976 година, против истиот противник (2-3 и 1-1).

Според директорот на клубот, Винсент Манерт, клучната работа е да ја знаете својата позиција во меѓународниот фудбал. Имајќи јасна претстава за тоа кој е и каде му е местото во фудбалскиот свет, му овозможи на Бриж да освои четири од последните пет белгиски шампионати, вклучувајќи и три во низа, истовремено да оствари и профит на трансфер-пазарот.
– Она што се обидуваме да го направиме е да не избираме помеѓу кокошката и јајцето, туку да одиме на двете. Тоа значи дека треба да продолжиме да победуваме додека ги продаваме нашите најдобри играчи. Од една страна сте дел од синџирот со поголемите и со помалите риби од себе и треба да го почитувате тоа. Од друга страна, како врвен тим во Белгија, треба и да победувате ако сакате да бидете лидер на пазарот и да играте во Лигата на шампионите. Не трошиме време обидувајќи се да ангажираме врвни играчи од посилните лиги, како што се оние во Бразил и во Аргентина, бидејќи нивните најдобри играчи претпочитаат да заминат во врвен клуб. Важно е да се изберат вистинските земји и пазари, каде што имате приказна да му кажете на играчот – вели Манерт.

Тој објаснува дека клубот користел процес во три фази за да ги идентификува и да ги процени целите, вклучувајќи детално истражување за карактерот, менталитетот и начинот на живот на играчот.
– Успехот не може да се гарантира, затоа она што се обидуваме да го направиме е да го исклучиме неуспехот. Трансферите се најкомплексната работа што ја правиме како фудбалски клуб, наоѓајќи ги вистинските играчи за вистинската цена. Тоа е поврзано со идентитетот на клубот. Понекогаш правиме грешки, пуштајќи играчи чие влијание врз тимот беше преголемо, но со текот на годините можевме да најдеме добар баланс на развој и победи. Тешко е да се комбинира успех со играчи во развој, но и тоа е можно – рече Манерт.

Клупскиот идентитет е многу важен, како и организацијата.
– Организиравме средби со навивачите, од најмладите до најстарите. Ваквите разговори водат до слоганот „без пот, нема слава“. Кога постигнуваме гол, од звучниците ечи „без пот“, на што навивачите одговараат со „нема слава“. Тоа на играчот му покажува каков е менталитетот во Бриж – вели Манерт. Л.Д.


Голгетерски рекорди на Наполи и на Баерн

Наполи му ја наполни мрежата на Ајакс на гостувањето на арената „Јохан Кројф“ во Амстердам, победувајќи со 6-1 во третото коло на фудбалската Лига на шампионите (ЛШ), нанесувајќи му го најтешкиот пораз во клупската историја во европските натпреварувања, најтежок во кое било натпреварување од 1964 година. Наполи првпат постигна три и повеќе гола на гости во ЛШ, а ја забележа третата победа на трите меча во групата А (гол-разлика 13-2) и е во серија од седум победи по ред во сите натпреварувања, односно не знае за пораз сезонава. Баерн, пак, го победи Плзен со 5-0 (сега има вкупна гол-разлика 9-0) и е во рекордна серија од 31 меч без пораз во групната фаза (последниот пораз беше во септември 2017-та). Баварците ја за забележаа 26-та победа со пет и повеќе голови разлика во мечевите од групната фаза до финалето, пет повеќе од кој било друг тим во ЛШ. Л.Д.