Челси на европската титула освоена во мај лани ја додаде и светската, единствената што на клубот му недостигаше, и тоа е деветтиот голем трофеј на меѓународната сцена, откако има по два трофеја во Лигата на шампионите, Лига Европа, некогашниот Куп на победниците на куповите и во Суперкупот на УЕФА

ФУДБАЛ

Англискиот премиерлигаш Челси е 30-от фудбалски клуб што стана светски првак, откако во финалето на клупското Светско првенство (СП) за 2021 година го победи бразилски Палмеирас, со 2-1, во Абу Даби (ОАЕ). Мечот по 90 минути игра заврши нерешено, 1-1, со головите на Ромелу Лукаку во 55. минута за Челси и на Рафаел Веига во 64. минута, од пенал за Палмеирас. Победоносниот гол Челси го постигна во 117. минута од пенал, преку Каи Хаверц, кој беше стрелец и на погодокот за триумф во финалето на Лигата на шампионите лани во мај. Третото место го освои Ал Ахли (Египет), а потоа се Ал Хилал (Саудиска Арабија), Монтереј (Мексико), Ал Џазира (ОАЕ) и Пирае (Тахити).
Челси на европската титула освоена во мај лани ја додаде и светската, единствената што на клубот му недостигаше. Челси е третиот англиски клуб со светска титула, по Манчестер јунајтед во 1999 и во 2008 година и Ливерпул во 2019 година.

Одбранбениот играч на новиот светски првак, Тиаго Силва ја доби наградата за најдобар играч на клупското СП. Капитенот Цезар Аспликуета, пак, стана првиот фудбалер на Челси со освоени трофеи во сите клупски натпреварувања (домашни трофеи во Премиер-лигата, ФА-купот и во Лига-купот, како и меѓународните титули во Лигата на шампионите, Лига Европа, Суперкупот на Европа, клупското СП).
Мечеви за светската клупска титула се играат од 1960 година, а од 2005 година под раководство на Светската фудбалска федерација (ФИФА). Челси е 14-от клуб со една светска клупска титула. Најтрофеен е Реал Мадрид (Шпанија) со седум трофеи, по четири имаат Милан (Италија) и Баерн (Германија) итн. Клубовите од Шпанија освоија најмногу титули, вкупно 11, а на второто место е Бразил со 10.
За Челси, светската клупска титула е деветтиот голем трофеј на меѓународната сцена, откако има по два трофеја во Лигата на шампионите (2012 и 2021 година), Лига Европа (2013 и 2019), некогашниот Куп на победниците на куповите (1971 и 1998) и во Суперкупот на УЕФА (1998 и 2021).


НАЈМНОГУ СВЕТСКИ
КЛУПСКИ ТИТУЛИ

Реал Мадрид (Шпанија) 7
Милан (Италија) 4
Баерн (Германија) 4
Пењарол (Уругвај) 3
Национал (Уругвај) 3
Бока јуниорс (Аргентина) 3
Сао Пуло (Бразил) 3
Интер (Италија) 3
Барселона (Шпанија) 3


МЕЃУНАРОДНИ ТРОФЕИ НА ЧЕЛСИ

НАТПРЕВАРУВАЊЕ                             ГОД.
Светско клупско првенство                2021
Лига на шампионите                          2012, 2021
Лига Европа                                      2013, 2019
Куп на победниците на куповите       1971, 1998
Суперкуп на УЕФА                             1998, 2021