Фото: ЕПА

Леонардо Бонучи штотуку дебитира во Бундеслигата. Ветеранот има многу планови со Унион Берлин сезонава, а сака и повторно да се стави во фокусот на репрезентацијата

ФУДБАЛ – НОВИОТ ЧЛЕН НА УНИОН БЕРЛИН

Би помислиле дека ништо не може да изненади фудбалер што имал толку долга кариера, но Леонардо Бонучи минатата сабота доживеа изненадување, пишува германскиот спортски дневен весник „Кикер“. Тоа беше во минутите по завршувањето на неговиот прв натпревар во германската Бундеслига кога новото засилување на Унион Берлин застана со своите соиграчи пред навивачите и виде како неговиот нов тим беше прославуван од навивачите, иако Унион загуби со 0-2 од Хофенхајм и со тоа го претрпе четвртиот натпреварувачки пораз во низа, пишува „Кикер“. „Неверојатно“, рече Бонучи за време на средбата со новинарите, „Му реков на Робин Кноче (соиграч – н.з.): Тоа е лудо. Тој рече: „Тоа е нормално““.
Има многу работи што во моментов се нови за искусниот централен дефанзивец, откако 36-годишниот фудбалер ја напушти родната Италија првпат во кариерата, по 459 натпревари за Јувентус, 46 за Милан и 121 настап за репрезентацијата на Италија. Бонучи освои девет шампионски титули во Италија и беше европски шампион со репрезентацијата во 2021 година, а всушност, вели тој, „не ми беше во план да ја напуштам Италија“. Јувентус беше „мојот живот за мене“, рече Бонучи, и затоа сакаше да ја помине „последната година од кариерата“ со својот клуб, пишува „Кикер“. Но по сезоната 2022/2023 во која одбранбениот фудбалер можеше да одигра само 16 првенствени натпревари за Јувентус поради неколку повреди, тренерот Масимо Алегри летово одеднаш не можеше да го користи Бонучи.
– Не сакам да зборувам за темата Јувентус во моментов – вели тој учтиво, но одлучно, пишува „Кикер“.
Бонучи повеќе сака да зборува за новиот предизвик со кој се соочува во Берлин. Лацио или Унион Берлин беа алтернативите за искусниот одбранбен фудбалер летово. Според Бонучи, неговата одлука во корист на Берлин и на Бундеслигата имала врска со „фактот дека морав да излезам од мојата комфорна зона. Го сакав ова искуство и тоа е сега мојот фокус“, пишува „Кикер“.

Фокусот е, исто така, неопходен бидејќи преселбата во Германија носи многу нови работи за Бонучи. Тука е јазикот, кој е „многу тежок“, тука се градот Берлин и начинот на живот, кои се различни, а потоа, секако, фудбалот, кој е „сосема поинаков“, пишува „Кикер“. Во Серија А често се посветува внимание на тоа да се осигури дека одбраната е силна и да не се преземаат преголеми ризици, но Бонучи сега мора да се промени, во Бундеслигата тимовите играат повисоко, „треба да покриете многу простор зад одбранбената линија“, вели Бонучи, пренесува „Кикер“.
Но 121-кратниот репрезентативец го сака новиот предизвик, дури иако изгледаше помалку среќен со двата примени гола по силниот настап во дебито во Лигата на шампионите со Реал во Мадрид (0-1) и минатата сабота против Хофенхајм. Целта на Бонучи е да одигра многу натпревари откако целосно ќе го дополни фитнес-дефицитот, а тој сака да биде дел и од репрезентацијата на Италија за Европското првенство в година. Пред две недели, рече Бонучи, разговарал со селекторот на Италија, Лучијано Спалети (64), и тој го уверил дека има шанси, доколку игра.
Затоа Бонучи работи напорно за да влезе во тимот на тренерот Урс Фишер. Европскиот шампион од 2021 година сака да го даде својот дел за да се погрижи Унион Берлин повторно да биде успешен сезонава. И покрај актуелната негативна серија. Утре следува првиот домашен натпревар на Унион Берлин во Лигата на шампионите, со Брага, на „Олимпискиот стадион“ во Берлин, каде што Бонучи има различни сеќавања: „Италија стана светски шампион во 2006 година (без Бонучи, забелешка на „Кикер“) и поразот во финалето во Лигата на шампионите од Барселона со Јувентус во 2015 година“. Н.М.