Холандскиот клуб е осминафиналист во Конференциската лига, а претходно освојуваше пехари во Лигата на шампионите, Купот на победниците на куповите, Лига Европа и во Суперкупот на УЕФА. По четири европски купа освојуваа и Јувентус, Баерн, Челси и Манчестер јунајтед, а годинава на таа листа може да се приклучат и Атлетико Мадрид и Милан

ФУДБАЛ

Ајакс од Холандија се пласира во осминафиналето на фудбалската Конференциска лига по возбудливиот двомеч со Бодо/Глимт од Норвешка, славејќи со вкупен резултат 4-3. Во првиот натпревар во Амстердам беше 2-2, по водството на Боде/Глимт со 2-0, кое Ајакс го надомести со голови во судиското дополнување на времето (вториот гол Ајакс го постигна во 97-та минута), а во реваншот се играа продолженија, во кои Ајакс постигна гол за победа со 2-1 во 114-та минута.
Со пласманот меѓу 16-те најдобри сезонава, Ајакс остана во трка за трофеј во рекордното петто клупско натпреварување на Европската фудбалска унија (УЕФА).
Пред да биде основана Конференциската лига во сезоната 2021/2022, пет клуба победија во сите дотогашни главни европски клупски купови, во Лигата на шампионите (порано со име Куп на шампионите), потоа Купот на победниците на куповите (КПК, натпреварување што не се игра повеќе од 20 години), како и во Лига Европа (порано Куп на УЕФА).
Во таа група клубови се Ајакс, Јувентус, Баерн, Челси и Манчестер јунајтед. Дополнително, сите се освојувачи и на европскиот Суперкуп на УЕФА. Сега Ајакс може да стигне до трофеј и во петтото големо клупско натпреварување на Европската фудбалска унија.
Холандскиот клуб досега четири пати беше европски првак (во 1971, 1972, 1973 и 1995 година), по еднаш победи во Купот на победниците на куповите (1987-та) и во Лига Европа (1992 година) и двапати триумфира во Суперкупот на УЕФА (1973 и 1995 година). Од овие пет клуба, прв четирите трофеи ги комплетира Јувентус (во 1985 година).
На листата со клубови со освоени трофеи во четири најсилни купа на Европската фудбалска унија сезонава може да се запишат и италијански Милан, кој е осминафиналист во Лига Европа (претходно седум пати беше европски првак и има две победи во КПК и пет во Суперкупот), како и шпански Атлетико Мадрид, кој е во осминафиналето на Лигата на шампионите (претходно трипати победи во Лига Европа и еднаш во КПК, а има и три трофеја во Суперкупот). Н.М.


Лига Европа, осминафинале

Спарта Прага – Ливерпул
Марсеј – Вилјареал
Рома – Брајтон
Бенфика – Ренџерс
Фрајбург – Вест Хем
Спортинг – Аталанта
Милан – Славија Прага
Карабах – Баер
мечевите се на 7 и на 14 март

Конференциска лига, осминафинале
Сервет – Плзен
Ајакс – Астон вила
Молде – Клуб Бриж
Сен-Жилоаз – Фенербахче
Динамо З. – ПАОК
Штурм – Лил
Макаби Хаифа – Фиорентина
Олимпијакос – Макаби Тел Авив
мечевите се на 7 и на 14 март


КЛУБОВИ СО ТРОФЕИ ВО СИТЕ ГЛАВНИ КУПОВИ НА УЕФА

КЛУБ ЛШ КПК ЛЕ СК
Јувентус 2 3 1 2
Ајакс 4 1 1 2
Баерн 6 1 1 2
Челси 2 2 2 2
Манчестер Ј. 3 1 1 1
——————————————————————
Милан 7 2 – 5
Атлетико M. – 1 3 3
ЛШ – Лига на шампионите; КПК – Куп на победниците на куповите; ЛЕ – Лига Европа; СК – Суперкуп; КЛ – Конференциска лига