Марсело Галјардо со трофејот во Копа либертадорес

Навивачите на Ривер плата ги слават Лукас Прато и Хуан Кинтеро меѓу јунаците на победата над Бока јуниорс од 3-1, со која „милионерите“ синоќа го освоија трофејот во Копа либертадорес по четврти пат, но вистинскиот творец на успехот, не беше директно вклучен во двомечот. Станува збор за тренерот на Ривер Марсело Галјардо, кој немаше право да го води својот тим на дуелите против Бока, поради претходна суспензија.

Бока јуниорс дојде во водство преку Дарио Бенедето во 44-та минута, за Ривер да изедначи преку Лукас Прато во 68-та минута, а потоа да стигне до триумф со головите на Хуан Кинтеро на Гонзало Мартинез во продолженијата. Бока остана со десетмина на теренот по вториот жолт картон на Вилмар Бариос на почетокот од дополнителните 30 минути. Првиот меч на „Бомбоњера“ заврши без победник 2-2. Реваншот, пак, беше одложен, а потоа и преместен во Мадрид, откако навивачите на Ривер го нападнаа автобусот на Бока јуниорс, во инцидент во кој неколку фудбалери на Бока беа повредени.

– Што и да се случи, Галјардо треба да добие две статуи, а не една – кажа претседателот на Ривер плата Родолфо Д’Онфорио, во пресрет на реваншот.

Пофалби за трофејниот стратег имаат и аргентинските медиуми. Тиражниот весник „Ла насион“ ги истакнува перфекционизмот и методичноста на Галјардо во тренерската работа, неговото постојано барање предизвици и способноста да ги убеди играчите да веруваат во триумф, како клучни за успехот.

– Галјардо денеска е Наполеон Бонапарта, Александар Велики, Гај Јулиј Цезар, Џингис Кан и секој воен стратег што оставил белег во светската историја. Галјардо исто така остави белег освојувајќи го вториот трофеј во Копа либертадорес како тренер на Ривер плата, овојпат против лутиот ривал Бока јуниорс, во историското финале во Мадрид. Во идеално сценарио, тој ќе славеше на домашен терен на „Монументал“, да не се случеа навивачките инциденти кои го преселија мечот во Мадрид – пишува „Ла насион“.

Галјардо стана една од најголемите легенди во клупската историја на Ривер плата, бидејќи го освои трофејот во Копа либертадорес како играч во 1996 година, а во два наврати и како тренер (2015 и 2018). Но, победите против најголемиот ривал Бока јуниорс во најголема мера придонесоа за неговиот култен статус меѓу меѓу навивачите во „црвено-бело“. Ривер под негово водство беше подобар од градскиот ривал од Буенос аирес во полуфиналето на Копа судамерикана во 2014 година, во осминафиналето на Копа либертадорес во 2015 година, во суперкупот на Аргентина минатата година, и повторно во синоќешното финале на Либертадорес. „Милионерите“ потоа стигнаа и до трофеите во натпреварувањата.