Ние сме шокирани и разочарани, но нема да се откажеме од нашите обиди за еднаква плата. Сигурни сме во нашиот случај и стабилни сме во нашата посветеност да се осигуриме дека девојчињата и жените што се занимаваат со овој спорт нема да бидат вреднувани помалку само поради нивниот пол, рече Левинсон, портпаролка на фудбалерките

Судот го отфрли барањето на женската фудбалска репрезентација на САД за еднакво плаќање. Судијата ги отфрли тврдењата на фудбалерките дека тие биле помалку платени во споредба со мажите. Во судската постапка што беше побарана од 28 репрезентативки на САД лани против Фудбалската федерација (УССФ), тие бараа отштета од 66 милиони долари, според Законот за еднаква плата. Моли Левинсон, портпаролка на фудбалерките, изјави дека планираат да се жалат против тоа решение.
– Ние сме шокирани и разочарани, но нема да се откажеме од нашите обиди за еднаква плата. Сигурни сме во нашиот случај и стабилни сме во нашата посветеност да се осигуриме дека девојчињата и жените што се занимаваат со овој спорт нема да бидат вреднувани помалку само поради нивниот пол – рече Левинсон.

Федералниот судија Гери Клауснер дозволи случајот на фудбалерките за неправедниот третман при патувањата, сместувањата и медицинската поддршка да оди на суд, на 16 јуни во Лос Анџелес.
– Женскиот тим е платен повеќе, како кумулативно, така и во просек од машката екипа во минатиот период – се вели во одлуката на судот.
САД лани ја освоија четвртата титула светски првак, а Американките освоија и пет златни олимписки медали. Откако беше отфрлено барањето за еднаква плата, напаѓачката Меган Рапино, кој лани на СП ги освои „златната топка“ и „златната копачка“, наменети за најдобрата и за најефикасната фудбалерка, на Твитер напиша: „Никогаш нема да престанеме да се бориме за еднаквост“. Нејзината колешка Алекс Морган изјави: „Иако веста е разочарувачка, тоа нема да нѐ обесхрабри во нашата борба за еднаквост“.

УССФ соопшти дека сака да соработува со тимот за „да се најде пат за напредок и за развој на играта, дома и низ целиот свет“. Случајот со фудбалерките јавно го поддржаа нивните колеги, а во февруари американскиот машки тим во изјавата го критикуваше раководното тело, велејќи дека „федерацијата продолжува да прави дискриминација врз жените со нивните плати и условите за работа“, пишува „Би-би-си“.