Фото: Игор Бансколиев

Во финалето на ЛН 2021, актуелниот светски првак Франција ја совлада Шпанија, со 2-1, за прв триумф во ова натпреварување, а „триколорите“ од претходно имаат по две титули светски шампион (1998 и 2018 година), европски првак (1984 и 2000 година) и во Купот на конфедерациите (2001 и 2003 година) и една во некогашниот Интерконтинентален куп (1985 година)

ФУДБАЛ – ПО ТРИУМФОТ ВО ЛИГАТА НА НАЦИИ

Актуелниот светски фудбалски првак, Франција, триумфира во второто издание на Лигата на нации (ЛН), победувајќи ја Шпанија во финалето, со 2-1 (стрелци Карим Бензема 66. минута, Килијан Мбапе 80 – Микел Ојарзабал 64), во мечот што се одигра на стадионот „Сан Сиро“ во Милано.
За Франција, триумфот во Лигата на нации е осма победа на големо натпреварување во историјата. „Триколорите“ имаат по две титули светски шампион (1998 и 2018 година), европски првак (1984 и 2000 година) и во Купот на конфедерациите (2001 и 2003 година) и една во некогашниот Интерконтинентален куп (1985 година).
Франција е без пораз во претходните 25 официјални натпревари (17 победи и осум ремија). Претходно само еднаш во историјата била поуспешна, помеѓу септември 1994 и март 1999 година (27 натпревари). Франција победи на минатите пет натпревари во Лигата на нации одиграни надвор од својата земја, а Антоан Гризман стана деветтиот играч со 100 настапи во дресот на „триколорите“.
Капитенот на Шпанија, Серхио Бускетс, беше прогласен за најдобар фудбалер на завршниот турнир на ЛН (во изданието на ЛН во 2019-та наградата ја доби Португалецот Бернардо Силва). Најефикасен со два гола, плус две асистенции, беше Мбапе. По два гола постигнаа и Бензема и Феран Торес, но немаа ниту една асистенција.
Единствениот гол за Шпанија го постигна Ојарзабал, за него шести во репрезентативниот дрес, трет во ЛН.
– Мислам дека одигравме одличен натпревар, но тие возвратија и имаа два навистина големи моменти со кои ја анулираа нашата предност. Дадовме максимум и треба да бидеме горди на она што го покажавме – рече Ојарзабал.
Во мечот за третото место, домаќинот, европскиот првак Италија ја совлада Белгија, со 2-1 (Николо Барела 46, Донемико Берарди 65 пенал – Шарл де Кетелер 86), во Торино. „Азурите“ имаат загубено само еден од претходните 39 меча (29 победи и девет ремија), од Шпанија (1-2) во полуфиналето на ЛН 2021. За Роберто Манчини ова беше 30-та победа на 44-от меч на селекторската функција, а голот на Барела стоти под негово водство.


Дешам: Покрај талентот во овој тим, тука се и карактерот и менталитетот

Многу сум горд и среќен за фудбалерите. Покрај талентот што го имаме во овој тим, тука се и карактерот и менталитетот. Престанавме да играме по дваесетина минути, а тоа не смеете да го направите против Шпанија. Треба да се подобруваат нашиот систем на игра и начинот на кој функционираме во него. Во второто полувреме бевме повеќе агресивни и ги принудивме на грешки. Се играше за трофеј. Кога сте во финале, секогаш е подобро да го добиете, изјави селекторот на репрезентацијата на Франција, Дидие Дешам.


Ждрепка во декември, следното издание почнува во јуни в година

Третото издание на фудбалската Лига на нации треба да почне во јуни 2022 година, а финалето е предвидено за една година подоцна. Според информацијата на Европската фудбалска унија (УЕФА), ждрепката треба да биде влечена на 16 декември, во јуни в година се предвидени четири кола, а уште две во септември. Членките на УЕФА, вкупно 55, ќе бидат поделени во три лиги, и тоа по 16 селекции во лигите А, Б и Ц и седум во лигата Д. Македонија ќе настапи во лигата Ц.
Форматот на квалификациите за Европското првенство во 2024 година уште не е потврден, вклучувајќи ги и сите детали за тоа како репрезентациите би можеле да се пласираат во баражот преку Лигата на нации 2022/2023 – пишува УЕФА на својата интернет-страница.


ДОСЕГАШНИ ПОБЕДНИЦИ НА ЛН

2019 г. Португалија
2021 г. Франција

СИТЕ ТРОФЕИ НА ФРАНЦИЈА

НАТПРЕВАРУВАЊЕ ГОДИНА
Светско првенство 1998, 2018
Европско првенство 1984, 2000
Куп на конфедерации 2001, 2003
Лига на нации 2021
Интерконтинентален куп 1985


ЛИГА НА НАЦИИ 2021

Полуфинале
Франција – Белгија 3-2
Шпанија – Италија 2-1
Меч за трето место
Италија – Белгија 2-1
Финале
Франција – Шпанија 2-1