В недела, на 17 октомври, СРЦ „Борис Трајковски“ во Скопје повторно ќе биде највеселото и најраспеано место во градот, а детските гласчиња ќе одекнуваат заедно со звуците на старите и новите песнички на фестивалот „Златно славејче 2021“.
Годинава оваа позната манифестација за деца, која ја организира Советот за грижи и воспитување деца на Град Скопје, слави редок јубилеј – 50 години постоење!
Оваа успешна долговечна приказна почна во далечната 1971 година, кога се одржа првото издание на фестивалот „Златно славејче“, со чии песнички израснаа многу генерации.
Токму некои од децата што ги пееја песните низ годините ќе другаруваат со сегашните славејчиња на роденденот.
Како што ни рече извршниот директор на фестивалот Бобан Јосифовски, ќе слушнеме 14 нови песнички, а направен е и микс од најголемите фестивалски хитови, кои со сите дечиња во салата, која овој пат нема да биде сосема полна,
заради почитување на ковид-протоколите, ќе ги отпеат Александар и Дац.
Во една песна ќе се слушне и гласот на Влатко Илиевски, нашиот познат пејач и актер, кој, за жал, веќе не е со нас. Влатче цели десет години го водеше „Златно славејче“, а оваа песна е негово дело и успеал да ја сними заедно со своите славејчиња, кои велат дека никогаш нема да го заборават и, како што е нејзиниот наслов, „Сети се на мене“, секогаш ќе се сеќаваат на неговиот ведар лик.
Инаку, песничките за годинашното издание се снимени во студиото „Ентерпрајс“ на Валентино Скендеровски, а посетителите ќе можат да го купат и новото фестивалско цеде.
Водител и овој пат ќе биде шармантниот Марко Новевски.
Фестивалот ќе се сними и дополнително ќе се емитува на неколку национални телевизии.
И в недела нека ечи Скопје со старите и новите песнички, зашто, како што е и мотото на годинашниот фестивал, „Еднаш славејче, секогаш славејче“!