Генералниот секретар на ФИФПРО, Јонас Баер-Хофман, вели дека фудбалот ќе се соочи и со пренатрупан календар во следните три години, поради што синдикатот веќе разговарал со европските клубови и лиги за наоѓање начини за заштита на играчите

Глобалниот синдикат на фудбалерите (ФИФПРО) бара конкретни мерки за заштита на играчите од преоптоварување и од повреди поради големиот број натпревари во продолжението од сезоната по прекинот поради ковид-19. Генералниот секретар на ФИФПРО, Јонас Баер-Хофман, вели дека фудбалот ќе се соочи и со пренатрупан календар во следните три години, поради што синдикатот веќе разговарал со европските клубови и лиги за наоѓање начини за заштита на играчите.
– Не можеме да го оставиме тоа на милост и немилост на индивидуалните одлуки затоа што притисокот врз играчите е голем и никој ќе нема корист од дополнителни повреди – изјави Баер-Хофман за „Ројтерс“.

Коронавирусот го прекина фудбалот три до четири месеци низ Европа и во светот, но наместо да ги скратат натпреварувањата, повеќето федерации и лиги едноставно ги набија во пократок временски период. Единствениот исклучок се Лигата на шампионите (ЛШ) и Лига Европа (ЛЕ) во кои на крајот од оваа и на почетокот од следната сезона наместо по два, ќе се игра по еден натпревар.
ФИФПРО изрази загриженост во врска со преоптовареноста на играчите уште пред пандемијата на коронавирусот и во извештајот минатата година наведе дека на играчите им е потребен петдневен одмор помеѓу натпреварите, наместо два до три.

Во контекст на тоа ФИФПРО го даде примерот со играчот од средниот ред на Барселона, Иван Ракитиќ, кој одиграл 68 натпревари помеѓу мај 2018 и јуни 2019 година.
Една од идеите би била ограничување на бројот на натпреварите за играчите во една сезона, но не и за клубовите.