Двете селекции досега освоија по четири големи титули, Шпанија во својата колекција има една светска титула и три од европските првенства, а Франција досега по двапати била светски и европски првак

ФУДБАЛ – ЛИГА НА НАЦИИТЕ

Шпанија ќе игра со Франција (утре, 20.45 часот, во Милано) во финалето на фудбалската Лига на нациите, што ќе биде нивни 36-ти меѓусебен дуел, прв официјален по осум години. Италија и Белгија ќе се сретнат во мечот за третото место (утре, 15 часот, во Торино).
Во нов возбудлив меч во Лигата на нациите, Франција славеше на дуелот со Белгија, со 3-2, откако Белгија до 62. минута водеше со 2-0.
– Победата на натпреварот со Белгија на тој начин ја покажува силата на карактерот на тимот. Играчите никогаш не попуштаат. Дојдовме тука да играме во финалето – рече селекторот на Франција, Дидие Дешам.
Претходно репрезентацијата на Шпанија во првото полуфинале ја победи селекцијата на Италија со 2-1. Франција и Шпанија досега одиграле девет официјални средби меѓу себе во квалификации или на светските и европските првенства.
Селекторот на Шпанија, Луис Енрике, откако претходно ја водеше Барселона до трофеј во Лигата на шампионите во 2015 година, сега се надева дека ќе го освои првиот пехар на чело на Шпанија. Шпанија во својата колекција има една светска титула (2010 година) и три трофеи од европските првенства (1964, 2008 и 2012 година).
Кормиларот на Франција, Дешам, беше капитен на Франција во триумфите на Светското првенство во 1998 година и на Европското првенство во 2000 година. Тој е селектор на Франција од 2012 година, а со таа репрезентација славеше на Светското првенство во 2018 година и сега е во трка по нов трофеј. Франција досега по двапати беше светски (1998 и 2018 година) и европски првак (1984 и 2000 година).
Репрезентацијата на Португалија беше победник на првото издание на Лигата на нациите во 2019 година, на турнирот што се играше во таа земја и на кој настапија и селекциите на Холандија, Англија и на Швајцарија.


УСПЕСИ НА ФИНАЛИСТИТЕ

ШПАНИЈА
светски првак 2010 г.
европски првак 1964, 2008, 2012 г.

ФРАНЦИЈА
светски првак 1998, 2018 г.
европски првак 1984, 2000 г.

ЛИГА НА НАЦИИТЕ 2021
ФИНАЛЕ
Шпанија – Франција утре, 20.45 ч.
МЕЧ ЗА ТРЕТО МЕСТО
Италија – Белгија утре, 15 ч.