Со голема смиреност и самоувереност, голманот кој како слободен играч летово пристигна во редовите на Ливерпул, во неизвесната пенал-серија против Челси во европскиот Суперкуп, му ја донесе четвртата титула на клубот во ова натпреаврување. Адријан стана новиот херој од Истанбул на „Енфилд“, откако повредата на првиот голман Алисон Бекер му овозможи на Шпанецот да настапи во финалето и да го освои првиот трофеј во својата кариера.

Сепак, проклетството на голманите на Ливерпул, кои години наназад се соочуваат со најразлични проблеми, стигна многу брзо. Веднаш по одбранетиот пенал на Тами Абрахам во петтата серија од изведувањето на ударите од белата точка, навивач од трибините влетал на теренот и при прославата со играчите ненамерно го згазнал скочниот зглоб на Шпанецот, поради што тој нема да може да настапи на следниот натпревар на клубот во Премиер-лигата, против Саутемптон на гости.

И како што Адријан ја имаше таа „среќа“ да се повреди Бразилецот Алисон и неочекувано да застане меѓу стативите на победникот во Лигата на шампионите, така најверојатно е дека Енди Лонерган (35) ќе го замени вториот голман на Ливерпул на следниот натпревар. Чуварот на мрежата кој во претсезоната беше повикан на турнејата на „црвените“ во САД, откако се повредија двајцата младински голмани во екипата, сега во поодмината фудбалска возраст ќе дебитира во тимот на Јирген Клоп. Преку Лидс, Болтон, Фулам и Вулверхемптон, животниот натпреавр на Лонерган најверојатно ќе биде оној в сабота на „Сент Мерис“ во Саутемптон.

Но, гледано наназад, Ливерпул често се соочувал со најразлични проблеми на голманската позиција. Очите на јавноста се вперени во голманот на „црвените“ уште од контроверзниот гол кај Сандерленд, кога топка за плажа буквално асистираше за гол на домаќинот против Ливерпул, во времето кога на голот стоеше Пепе Реина.

Симон Мињоле, кој токму од кај „црните мачки“ дојде на „Енфилд“, иако шест години бранеше во клубот и понекогаш имаше спектакуларни одбрани, никогаш целосно не ги освои симпатиите на навивачите поради честите грешки на нафрлените топки. Човекот кој дојде за да го замени Германецот Лорис Кариус, одлично ја започна кариерата во клубот и целосно прерасна во прв голман во текот на сезоната, но по серијата на грешки во минатогодишното финале на Лигата на шампионите против Реал Мадрид, тој брзо беше испратен на позајмица.

Со повредите на Алисон и на Адријан, Лонерган веројатно ќе дебитира в сабота, користејќи ја приликата што му се укажува, а што ќе трае сè до враќањето на Адријан, односно на стандардниот прв чувар на мрежата Алисон. П.С.