Ферхан Хасани и Игор Ангеловски

Рано е да говориме за целите во овој циклус, но не бегаме од улогата на фаворити, вели селекторот на Македонија, Игор Ангеловски, пред почетокот на квалификациите за ЕП 2020

Селекторот на македонската фудбалска репрезентација, Игор Ангеловски, поради повреди, не ќе може да смета на услугите на напаѓачот Иван Тричковски и на играчот од средниот ред Стефан Спировски, за првите два квалификациски натпревари, против Летонија (четврток, 21 март во Скопје) и против Словенија (недела, 24 март во Љубљана), група Г, за Европското првенство (ЕП) 2020 година.
На вчерашниот прв собир напладне во хотелот „Гранд плаза“ во Скопје, освен повредените Тричковски и Спировски, беа присутни сите фудбалери. Недостигаше само голманот Столе Димитриевски, кој требаше да пристигне доцна синоќа. За вчера попладне (18.45 часот) беше закажан и првиот тренинг во спортскиот центар на ФФМ во Ново Лисиче, „Петар Милошевски“.

– Рано е да говориме за целите во овој циклус, но не бегаме од улогата на фаворити, сакаме да победуваме против секого. Македонија има два начина да се избори за ЕП 2020, што е цел и сон на сите и јас се надевам дека ќе го оствариме. Добро знаеме што нѐ очекува, тоа е старт на квалификациите за ЕП 2020, ќе одиме и ќе се фокусираме од натпревар во натпревар. Што се однесува до противникот, имавме доволно време да направиме подетална анализа. Станува збор за тим составен претежно од играчи што настапуваат во домашниот шампионат и за ривал што може да биде доста незгоден при прекините и во дуел-играта. Мораме да внимаваме при тие работи. Чест е да се работи со овие момци, спортската јавност од нив бара пласман на ЕП 2020 – истакна селекторот Ангеловски.

Фудбалерот од средниот ред, Ферхан Хасани, рече дека 100-те натпревари на Горан Пандев во репрезентативниот дрес ќе бидат голема мотивација за победа.
– На мечот со Летонија ќе имаме дополнителен мотив да победиме, да триумфираме за Горан Пандев, кој по јубилеен 100-ти пат ќе настапи за Македонија. Тој е пример за човек и голем спортист и чест е да се биде во ист тим со него – изјави Хасани.