Во дуелот во Истанбул, меѓу два англиски тима, Ливерпул го совлада Челси, на пенали со 5-4 (по 120 минути игра беше 2-2)

Европскиот првак Ливерпул го освои Суперкупот на Европската фудбалска унија (УЕФА), по четврти пат во клупската историја (1977, 2001, 2005, 2019), победувајќи го Челси, освојувачот на Лига Европа (ЛЕ) во Истанбул (на стадионот на Бешикташ), на пенали со 5-4, откако по 120 минути игра беше 2-2. Јунак на мечот беше резервниот голман на „црвените“, Шпанецот Адријан, кој го одбрани пеналот на Тами Абрахам.

Само Барселона и Милан, кои по пет пати го освојувале Суперкупот, се поуспешни од Ливерпул. Челси, пак, кој само еднаш бил победник во Суперкупот, во 1998-та, ги загуби трите вакви меча по ред (во 2012, 2013, 2019). Ова беше 11-ти натпревар помеѓу Ливерпул и Челси во европска конкуренција, што е рекордна бројка кога станува збор за тимови од иста земја.

Ливерпул повторно ќе го памети Истанбул по убаво, каде што претходно, во финалето на Лигата на шампиони (ЛШ) во 2005-та, во ретко возбудлив меч (тогаш на стадионот „Кемал Ататурк“), го совлада Милан, на пенали, откако по првите 45 минути губеше со 0-3! Победата над Челси не беше толку драматична, ниту толку важна, но сепак е битна, бидејќи е освоен уште еден трофеј, кој ќе помогне да го заборави поразот од Манчестер сити во Комјунити шилд.

Садио Мане од Ливерпул е седмиот фудбалер што постигнува два гола во Суперкупот, по Марио Жардел (2000), Џибрил Сисе (2005), Радамел Фалкао (2005, хет-трик), Кристијано Роналдо (2014), Лионел Меси (2015) и Диего Коста (2018-та). Сенегалецот Мане е и првиот африкански играч што постигнува гол во Суперкупот по Фредерик Кануте за Севилја против Барселона во 2006 година.

Ова беше втор Суперкуп на кој победникот го решаваа пеналите. Првиот пат тоа се случи во 2013-та на мечот Баерн – Челси, кога исто така беше 2-2, односно 5-4 на пенали за Баварците!

– Тежок натпревар за двата тима. Беше најбитно да се победи, нам ни успеа тоа. Добро започнавме, потоа паднавме, моравме да се бориме, момците го сторија тоа, задоволен сум – изјави менаџерот на Ливерпул, Јирген Клоп.

Новиот менаџер на Челси, Франк Лампард, го загуби третиот суперкуп-меч, по претходните два како играч, во 2012 и 2013 година.

Мечот во Истанбул ќе се памети и по тоа што првпат во историјата на европскиот клупски фудбал битен меч судеше жена, Французинката Стефани Фрапар, на која ѝ помагаа сонародничката Мануела Николози и Ирката Мишел О’Нил. Неподелени се оцените дека Фрапар, која покажа три жолти картони, одлично си ја заврши работата, судеше авторитативно, не ја „сецкаше“ играта и не побара помош, односно проверка на ниту една одлука од видеоасистент-судијата, ВАР.

Постојат дилеми, односно сугестии до УЕФА, да подразмисли за тоа, во иднина во случај на нерешен исход по 90-те минути да не се играат дополнителни 30 минути туку веднаш да се изведуваат пенали.