Паки Бонер, поранешниот голман на Ирска, кој сега е член на техничката комисија на УЕФА, во извештајот напиша: „Ги погледнав моите белешки и по 17 минути, не напишав ниту еден збор за Италија. Сѐ беше за Англија, тие беа тактички одлично поставени по широчина…“ Во второто полувреме, Англија повеќе не вршеше енергичен висок пресинг, што на тројката од средниот ред на Италија ѝ даде време и простор што ѝ се потребни за да се разигра, пишува, меѓу другото, во извештајот на УЕФА

ФУДБАЛ – СПОРЕД АНАЛИЗАТА НА УЕФА

Тактиката на играње со долги топки во второто полувреме од финалето на Европското првенство (ЕП) 2020 против Италија, е главната причина што Англија не ја освои титулата, пишува, меѓу другото, во анализата на Европската фудбалска унија (УЕФА), пренесоа британски медиуми. Сеопфатната студија за секој натпревар на турнирот покажа дека Италијанецот Жоржињо имал 98 додавања во второто полувреме, повеќе од сите фудбалери од средниот ред на Англија.
– Финалињата често ги решаваат мали детали. Мислам дека одлучувачки елемент беше тоа што Жоржињо, Џорџо Кјелини и Леонардо Бонучи се играчи со огромно искуство. Според моето мислење, искуството на тие играчи на Италија беше на прво место во споредба со младоста на Англија – заклучува Хинес Мелендез, тренер на успешните шпански тимови до 19 и до 20 години, кој имаше пофални зборови за тактиката на Герет Саутгејт на почетокот од натпреварот, поради што Англија поведе рано.
Паки Бонер, поранешниот голман на Ирска, кој сега е член на техничката комисија на УЕФА, во извештајот напиша: „Ги погледнав моите белешки и по 17 минути, не напишав ниту еден збор за Италија. Сѐ беше за Англија, тие беа тактички одлично поставени по широчина, со Рахим Стерлинг и со Мејсон Маунт, кои наоѓаа џепови во просторот и им задаваа многу проблеми на италијанските одбранбени играчи“.
На 55-те страници од „Техничкиот извештај“ на УЕФА се наведува и дека селекторот на Италија, Роберто Манчини, „очигледно имал што да им каже на своите играчи на полувремето, бидејќи играта тотално се промени“.

„Нивната позициска игра беше многу подобра и Жоржињо успеа да ги контролира топката и играта и да стане апсолутен лидер на теренот“, се додава во извештајот.
Англија, се истакнува во анализата на УЕФА, „се повлече во подлабок дефанзивен блок“, а „Италија ја контролираше топката и го забележа најкраткото просечно додавање на турнирот, 15,3 метри, и имаше двојно повеќе додавања од Англија“. Епилог на тоа во второто полувреме беше што Англија повеќе не вршеше енергичен висок пресинг што на тројката од средниот ред на Италија ѝ даде време и простор што ѝ се потребни за да се разигра. Поседот на топка на Англија падна на 35 проценти, најниско на турнирот, пред избраниците на Саутгејт да го загубат мечот на пенали. Во извештајот, исто така, се фали италијанскиот голман Џанлуиџи Донарума, за трите одбранети пенали.
– За пет години, ако ги затворам очите и се потсетам на овој турнир, сигурен сум дека ќе се сетам дека Италија победи бидејќи имаше многу добар голман и двајца многу, многу искусни стопери. Тие двајца беа татковците на тимот – вели Питер Рудбек, техничкиот директор на Данска.