Италијанската фудбалска федерација (ФИГЦ) објави дека е подготвена да ги смени правилата за користењето на ВАР системот за да се избегнат контроверзите кои во последно време се случија во Серија А, а една од мерките може да биде доделување на „челенџ“, односно право на тренерот на еден тим да бара прегледување на снимките.

Претседателот на ФИГЦ, Габриеле Гравина објави дека тие се во контакт со ФИФА и УЕФА за воведување на подобрувања во системот и избегнување на „контроверзите“ кои влијаат на имиџот на лигата.

– Италија беше една од првите земји на светот која експериментираше со оваа технологија во фудбалот, бидејќи на воведувањето на ВАР му претходеше период на тестирање во нашите лиги. Со истата желба за иновации, ФИГЦ по реакциите на повеќе клубови од Серија А, ја информираше ФИФА за желбата да се експериментира со воведувањето на ’челенџ’. Со оваа мерка фудбалот би станал поблизок до милионите фанови без да се влијае на авторитетот на судиите – се вели во известувањето на ФИГЦ.