Баерн, Пари сен Жермен, Барселона, Реал Мадрид, Челси, Манчестер сити, Борусија Дортмунд и Порто ќе ги продолжат натпреварите со фудбалерите од првиот дел од сезоната, беше објавено на интернет-страницата на УЕФА

ФУДБАЛ – ЗИМСКИ ПРЕОДЕН РОК

Тимовите, вкупно 16, што ги продолжуваат натпреварите во нокаут-фазата во фудбалската Лига на шампионите (ЛШ) не беа многу активни во зимскиот преоден рок. Повеќето, меѓу кои се бранителот на титулата, Баерн, вицепрвакот Пари сен Жермен, Барселона, Реал Мадрид, Челси, Манчестер сити, Борусија Дортмунд и Порто не ангажираа ниту еден играч и натпреварите ќе ги продолжат со старите, проверени сили, беше објавено на интернет-страницата на Европската фудбалска унија (УЕФА).
Европскиот првак од 2019 година, Ливерпул, во последен момент, на последниот ден од зимскиот преоден рок, ангажира двајца централни дефанзивци, Озан Кабак (Шалке) и Бен Дејвис (Престон). Со по двајца играчи се засилија и Јувентус (со Марли Аке од Марсеј и со Николо Ровела од Џенова), Борусија Менхенгладбах (со Џое Скали од Њујорк и со Куадио Коне од Тулуз), Аталанта (Јоаким Меле од Генк и Виктор Коваленко од Шахтар), како и Атлетико (Муса Дембеле од Лион и Серхио Кампос од Португалете). Три тима, Лацио, Севилја и Лајпциг, се засилија со по еден играч (Матео Мусакио од Милан, Алехандро Гомез од Аталанта, односно Доминик Собошлаи од Салцбург).
Од друга страна, од сите тимови (освен од Борусија Дортмунд и од Порто) заминаа по неколку фудбалери, со трансфер во други екипи или, пак, заминаа на заем. Л.Д.