Швајцарскиот тенисер Роџер Федерер во следните неколку дена ќе одлучи дали и во 2019 година, по две сезони пауза, повторно ќе игра на земјени турнири. Ако го потврди тоа, новото појавување на Ролан Гарос би можело да значи дека таа година ќе биде и последна во неговата трофејна играчка кариера.
Славниот Швајцарец (37) може да се пофали со подвиг што не му успеал никому. Точно 1.000 недели се наоѓа меѓу 100-те најдобри тенисери во светот. Федерер речиси 20 години е дел од тенисерската елита, а моментно е на третата позиција на АТП-листата, зад Србинот Новак Ѓоковиќ и Шпанецот Рафаел Надал. Тој е рекордер по бројот на освоени титули на гранслем-турнирите, вкупно 20 (шест на Отвореното првенство на Австралија, еден на Ролан Гарос, осум на Вимблдон и пет на Отвореното првенство на САД).
Бидејќи никој не може да трае вечно, па така ни блескавиот Швајцарец, кој е блиску до одлуката да се врати да игра на земјените турнири (тоа што практично го одбегнуваше во изминатите две сезони), за да ја продолжи својата играчка кариера.
– Имам идеја како би можело да изгледа сето тоа, но треба детално да се испланира – вели Федерер, кој моментно тренира во Дубаи.
Ако Федерер навистина реши да се врати на Ролан Гарос, причината за ова можеби треба да се бара во неговата желба барем уште еднаш да го почувствува играњето на овој престижен турнир во Париз, пред да отиде во заслужена пензија. Но кога ќе биде тоа, ќе зависи од неговите резултати, како и од здравствената состојба. Сепак, никого нема да изненади ако тој се прости токму на турнирот во својот роден град Базел, во октомври 2019 година.