Имавме содржаен разговор со премиерот и со други луѓе во Владата, добивме ветувања дека ќе ни се помогне во реализацијата на целокупните подготовки за ЕП, а стана збор и за т.н. „одбојкарски дом“ за потребите на сите репрезентативни категории и вкупно за одбојката, вели претседателот на ОФМ, Перо Јовановски
Македонската машка одбојкарска репрезентација обезбеди пласман на Европското првенство (ЕП) во септември годинава и ќе игра во групата во Љубљана, со домаќинот Словенија, Русија, Финска, Турција и со Белорусија. Ова е прв, историски пласман за одбојкарска Македонија на едно големо натпреварување. Таквиот успех беше адекватно прославен, во медиумите доби третман каков што заслужува, но не остана незабележан и надвор од спортските кругови, во Владата, каде што неодамна беше организиран прием за првите луѓе на Одбојкарската федерација на Македонија (ОФМ). На таа средба главна тема беа подготовките за ЕП и помош на одбојката во целина.
– Имавме содржаен разговор со премиерот и со други луѓе во Владата, добивме ветувања дека ќе ни се помогне во реализацијата на целокупните подготовки за ЕП и оти за пласманот на ЕП одбојкарите ќе добијат и парични награди. Стана збор и за од поодамна ветената сала, т.н. „одбојкарски дом“, кој исклучиво ќе служи за потребите на сите репрезентативни категории на Македонија и вкупно за одбојката. За опремување, подлогата герфлор, мрежи, топки и други реквизити треба да се погрижи Владата, но остана да се реши која сала ќе биде наша – вели претседателот на ОФМ, Перо Јовановски.
Македонија првпат се пласира на едно одбојкарско европско првенство, а претходно репрезентацијата трипати беше втора во Европската лига. Во минатото, пак, клубовите имаа големи успеси на европската сцена, како на пример Вардар, кој пред четириесетина години, предводен од Владимир Богоевски, беше четврти на фајналфорот во Купот на шампионите на Европа, а Работнички, пак, пред петнаесетина години неколкупати настапи на завршниот турнир во тогашниот Куп топ-тимс.
До почетокот на ЕП 2019 има релативно доста време, но тоа треба да се искористи за Македонија максимално подготвено да го пречека завршниот турнир. Постигнат е договор репрезентацијата најмалку до завршувањето на ЕП да ја предводи Србинот Никола Матијашевиќ, тренер на францускиот прволигаш Рен, кој успешно ги истурка квалификациите.
– Во контакт сме со Матијашевиќ, тој во најбрз можен рок треба да ни го достави планот за подготовки, за контролни натпревари и слично. Потоа треба да видиме и да договориме каде и како ќе се подготвува репрезентацијата, да договараме контролни мечеви и слично. Она што е сигурно е дека Македонија годинава нема да настапи во Европската лига, која од лани се нарекува и „сребрена“, но мислам дека тоа нема да биде никаков хендикеп. Подготовките најверојатно би почнале во јули, два месеца пред ЕП, но останува да причекаме што ќе предложи Матијашевиќ, па да видиме што ќе може да се реализира од тоа – рече Зоран Карановиќ, генералниот секретар на ОФМ.
Македонија е дел од училишниот проект „Играјте одбојка, растете со неа“
Во седиштето на Европската одбојкарска конфедерација (ЦЕВ) во Луксембург минатата недела се одржа состанок во врска со проектот Еразмус, „Играјте одбојка, растете со неа“. На состанокот свој претставник имаше и Одбојкарската федерација на Македонија (ОФМ), во Сања Никчевиќ, комесарка на Првата лига за мажи и жени.
– Станува збор за проект во кој ќе бидат вклучени деца на возраст од осум до 12 години, во соработка со клубовите и наставниците по физичка култура во училиштата. Во проектот, покрај Македонија, вклучени се Естонија, Финска и Словачка, а целта е промоција и развој на одбојката на базично ниво. ЦЕВ ќе ги обезбеди неопходните реквизити, од мрежи, топки и друго, користејќи одредени финансиски ресурси од Европската Унија. Работите се во почетна, подготвителна фаза, планираме да вклучиме најмалку три клуба, а бројката на училишта, наставници и деца може да варира, но колку повеќе толку подобро. Проектот официјално ќе почне од следната година, треба да потрае до 2021 година. Во меѓувреме ќе се разговара со заинтересираните клубови и наставници, за тие да бидат подготвени да ги анимираат децата да ја засакаат одбојката – вели Никчевиќ. Л.Д.