Тие беа први носители на финалето на АТП и кога првпат се појавија на ваков турнир, во 2007 година, а и сега, на турнирот во Лондон од недела
Роже Федерер, Рафаел Надал и Новак Ѓоковиќ беа првите тројца носители кога првпат се натпреваруваа заедно во тенискиот финален турнир на АТП во 2007 година. Дванаесет години подоцна, триото повторно ја предводи листата за финалето на АТП, кое почнува в недела во Лондон.
Надал, кој во понеделникот се врати на врвот на светската листа, и петкратниот шампион на АТП-финалињата, Ѓоковиќ, ќе се тркаат за тоа кој ќе биде светски тениски рекет број еден на крајот на годинава. Федерер (38), кој е трет носител, во Лондон ќе игра за да ја освои седмата титула за зголемување на рекордот.
На нив во Лондон ќе им се придружат бранителот на титулата Александер Зверев, четирикратниот учесник Доминик Тим и тројцата млади дебитанти: Данил Медведев (23), Стефанос Циципас (21) и Матео Беретини (23).
Турнирот, на кој играат само осумте најдобри квалификувани играчи во светот, се игра според системот секој со секого, а по двајца најдобри од секоја група ќе се пласираат во полуфиналето.
Ваков турнир се игра од 1970 година, најстар првак е Федерер (30, во 2011 година), кој има и најмногу поединечни победи (57) и титули (шест), најмлад шампион е Џон Мекинро (19 во 1978 година), Давид Налбандијан е победник со најнизок пласман на АТП-листата (12-ти во 2005 година) итн. Наградниот фонд за годинава е девет милиони долари.