Во екот на годишните летни одмори, многу од сопствениците на миленици се мислат дали да патуваат со миленикот или не, се прашуваат што сѐ треба да направат за миленикот да го земат со себе на одмор. При патување, освен соодветни документи, потребно е да им се обезбеди на милениците што попозната средина и атмосфера за патувањето да не им предизвикува дополнителен стрес. Доколку е можно, миленикот треба да патува заедно со сопствениците, а не со други луѓе. Потребно е да се обезбедат сите документи за преминување преку граница: пасош, микрочип, валидна вакцина против беснило и здравствен сертификат за патување. Миленикот треба да е прочистен од внатрешни паразити и заштитен од надворешни паразити со ампула или, кога станува збор за храна, најдобро е да се носи истата храна што миленикот ја јаде дома секој ден.
Менувањето на храната речиси секогаш предизвикува вознемиреност на желудникот кај милениците и тоа може да се манифестира со дијареја и повраќање. Затоа, за да се избегнат непријатни ситуации, не треба да се експериментира со храната. Од лекарства, практично е да се носи основен комплет за прва помош, во кој ќе има гази, фластер, алкохол и хидроген, антибиотски прашок, пробиотици за животни, антихистаминик, аналгетици.
Многу е важно да се внимава кај кучињата што ќе одат на плажа да не бидат на сонце предолго време, бидејќи може да добијат сончаница или топлотен удар.