Вид дива мачка што важи за една од најлутите
Секој има слушнато за диви мачки како лавови, тигри, леопарди, но надвор има цел свет на мали и големи мачки, особено оние ретки раси на мачки за кои веројатно никогаш не сте слушнале! Една од нив е мачката манул или Паласова мачка (именувана по германскиот научник Петер Палас, кој ја открил на брегот на Касписко Море во 18 век), која е многу необичен вид со смешни изрази на лицето. Овој вид живее во дивината на Централна Азија, по големина и тежина е многу сличен со домашната мачка, има густо и бушаво крзно и мали уши. Тешко е да се најде и живее сама на нејзината територија, додека со други мачки од овој вид се меша само во моментот на парење.
Оваа мачка е многу ретка, таа е на Црвената листа на Русија и на неколку други земји. Иако се појавила на земјата пред најмалку пет милиони години, многу малку се знае за неа. Точниот број е многу тешко да се пресмета, токму поради криењето. Во Русија се останати околу 3.000 примероци, додека во Монголија, според експертите, има повеќе.
Поради нивното бујно крзно, најгусто меѓу мачките, манулите се сметаат за многу поголеми отколку што се. Таквото густо крзно им овозможува да преживеат во тешки услови. Тие живеат во таква изолација што немаат речиси никакви непријатели во природата, освен човекот. Причината за нивното страдање не е само ловокрадството туку и цивилизацијата и човечката активност. Затоа се оддалечуваат од човекот и многу ретко се појавуваат пред него, а ни во зоолошката градина не го напуштаат засолништето.
– Оваа мачка никако не може да поднесе да ја земете во раце – вели Ирина Алексејевна од зоолошката градина во Москва.
Се случувало луѓето да најдат младенче и да го одгледаат. Кога ќе порасне, тоа оди да живее во степата, заборавајќи ги луѓето што го одгледале.