Здрава храна
Една нова студија покажа дека ултраобработената храна, вклучувајќи ги популарните грицки и слатки пијалаци, може да го зголеми ризикот од рак на дебелото црево. Истражувачите од САД испитувале податоци од три здравствени студии во кои учествувале повеќе од 46.000 мажи и речиси 160.000 жени, кои биле следени од 24 до 28 години. Во тој период биле идентификувани 3.216 случаи на рак на дебелото црево. Според истражувачите, ризикот од оваа состојба се зголемува со консумирање безалкохолни пијалаци, спакувани грицки, леб, колачи и кекси, како и слатки и маргарин и претходно обработени готови оброци.
Жените што консумирале најголеми количества готови оброци имале 17 отсто поголем ризик од рак на дебелото црево, во споредба со оние во групата со најмала консумација. Мажите што консумирале најголеми количества готови оброци што содржат месо или морска храна, исто така биле изложени на поголем ризик од рак на дебелото црево. Студијата покажа дека мажите што пијат најмногу пијалаци засладени со шеќер имаат 21 отсто поголеми шанси да развијат рак на дебелото црево отколку оние што пијат најмалку.
– Високата консумација на ултраобработена храна и кај мажите и кај жените беше поврзана со зголемен ризик од рак на дебелото црево – се заклучува во студијата објавена во „Бритиш медикал џрнал“.
Ултраобработената храна содржи состојки што вообичаено не ги додаваме кога готвиме домашна храна, како хемикалии, бои, засладувачи и конзерванси. Примери за таква храна се лебот, претходно пакуваните оброци, житните производи за појадок, колбасите, колачите, бисквитите, чипсот, безалкохолните и овошните пијалаци.