Техно
Кинескиот стартап „Хенгбот“ го претстави првото роботизирано куче во светот со мускулно-скелетни екстремитети. Иновативниот робот може да трча, скока и изведува трикови како вистинско куче благодарение на употребата на напредна вештачка интелигенција (ВИ).
Спарки се движи поприродно од претходните роботски кучиња поради неговиот тенок елегантен дизајн, кој имитира живо животно.
Роботот односно роботското куче има вградена камера и микрофон, кои му овозможуваат да комуницира со околината и луѓето. Нуди можност за програмирање и лесно се контролира преку далечински управувач или апликација. Спарки може да се надградува, неговото тело е целосно направено од метал, а неговата батерија трае нешто повеќе од 50 минути.
Целта на „Хенгбот“ е да произведе роботи што се брзи, пргави и „чувствителни“, со цел да се заматат границите помеѓу технологијата и живиот свет. Планот е отелотворен преку роботот Спарки, кој им овозможува на луѓето да уживаат во поседувањето домашно милениче што не бара напори за одржување.
– Роботот одговара на командите, започнува разговори и ги развеселува луѓето околу себе благодарение на својата специјална комбинација на технологија и забава – велат неговите креатори.
Роботското куче е дизајнирано од тимот на „Хенџи фјучр“, со седиште во кинеската провинција Гуандонг. Овој тим има повеќе од десет години искуство во производство на роботи.