Техно

„Епл“ ќе претстави нови модели на ајфон во втората половина од оваа година, а сега се појави информација дека ајфон 15 и ајфон 15 плус ќе добијат камера од 48 мегапиксели. Ова е главната камера што беше дел од ајфон 14 про и ајфон 14 про макс од 2022 година, која треба да ја наследат ајфон 15 и ајфон 15 плус во септември оваа година. Тоа ќе биде значајна промена за следниот ајфон, особено ако се земе предвид колку се мали разликите помеѓу ајфон 13 и ајфон 14, бидејќи и двете генерации имаат суштински ист хардвер за камера со некои софтверски подобрувања за поновиот модел. Меѓутоа, не треба да се очекува телефотокамера и сензор лидар во случај на „поевтини“ ајфони. Аналитичарот Џеф Пу ги поткрепува своите тврдења со информации што ги добил од синџирот на снабдување близок до ова прашање.
Главната камера од 48 мегапиксели што ја користат ајфон 14 про и ајфон 14 про макс е речиси новина во светот на камерите од уредите на „Епл“, но сигурно ќе стане потпора за идните модели на ајфон и ќе претрпи голем број подобрувања и промени со текот на времето. Во стандардниот режим на фотографирање, ајфон 14 про и про макс користат технологија за фотографии квод-бининг од 12 мегапиксели, што во теорија би требало да значи многу подобра чувствителност на светлина и динамика. Корисникот може да направи и РАВ-фотографија до 48 мегапиксели, што му дава многу простор за обработка и уредување. Пу, исто така, потврди дека ајфон се префрла од влезот лајтнинг на УСБ-Ц, што се бара со новиот закон на ЕУ.
Исто како и ајфон 15 про и 15 про макс, ајфон 15 и 15 плус се очекуваат во септември оваа година, но со процесор А16 бионик, кој моментално ги напојува ајфон 14 про и про макс, додека ајфон15 про и ајфон 15 ултра ќе го добијат процесорот A17 бионик изграден на подобрената 3нм-технологија, која носи подобрени перформанси и ефикасност.