Фото: Илустрација/Пиксабеј

Автор: Д-р Симона Трајчевска, лекар по општа медицина

Херпес зостер е вирусно заболување, чиј предизвикувач е истиот вирус кој ја предизвикува варичелата (овчи сипаници), вирусот Varicella-Zoster. Првичната инфекција се случува уште во детството со појава на варичела, после која се стекнува траен имунитет. Вирусот по прележување на сипаниците, останува во скриена форма во нервните клетки (ганглионите) во близина на ‘рбетниот столб. Кај мал процент на луѓе доаѓа до реактивација во текот на животот, но овој пат во вид на зостер манифестација.

Најчеста причина за негова појава се состојби кои водат до намалување на имунитетот – стресот како најголем фактор, заболувања на лимфниот систем, различни типови на интоксикации и др.

Најчесто инфекцијата започнува со болка во одреден дел од телото, кадешто подоцна ќе се јави осип. Болката е во вид на жарење, печење и бодежи, а се јавува на едната страна на телото, т.е. по должина на зафатениот нерв. Подоцна ќе се појават меурчиња. Овие меурчиња се исполнуваат со гној и на крај се претвораат во крусти кои отпаѓаат. Целиот процес трае повеќе од месец, по кој остануваат лузни. Болката може долго да трае.

Пожелно е дијагнозата на херпес зостер е да се постави во раниот стадиум од болеста.

Лекарот веднаш препишува антивирусни лекови кај имуносупримирани пациенти, кај локализација на промените во тригеминалната регија или ако пациентот е над 60-годишна возраст, а болеста е во тешка форма и пациентот има силни болки.
Тој ги третира и другите пациенти со антивирусни лекови ако клиничкаа слика е тешка и ако не поминале повеќе од 3 дена од појавувањето на кожните промени. Кај имуносупримираните пациенти антивирусните лекови би требало да се започнат и во случај да поминало и повеќе време.

ТРЕТМАН НА БОЛКАТА КАЈ ЗОСТЕР И ПОСТХЕРПЕТИЧНАТА НЕВРАЛГИЈА

• Речиси сите пациенти имаат болка или хиперестезија на кожата после исчезнувањето на кожните промени. Кај повозрасните, неуралгијата може да трае со години.
• Антивирусниот третман даден во акутната фаза лесно ја намалува акутната болка и нејзиното траење, но не ја редуцира инциденцата на постхерпетичната невралгија (во тек на 4-6 месеци од почетокот на третманот).
• Акутната болка кај зостерот се намалува со анлгетици.
• Акутната болка кај херпес зостер и постхерпетичмната невралгија може да се третираат со „Прегабалин“, „Трамадол“, крем „Лидокаин“ (5%) локално, витамини од Б групата – Б1,Б6 и Б12 додека не се повлечат кожните промени, а и потоа неколку месеци. Постојат силни докази од истражувањата за ефикасноста на овие лекови во третманот на постхерпетичната невралгија.

ПРЕВЕНЦИЈА НА ХЕРПЕС ЗОСТЕР

• За превенција на херпес зостер постои вакцина на пазарот која го намалува ризикот и постхерпетична невралгија кај пациентите над 60-годишна возраст. Превенција е и витамиснка терапија од Б групата односно Б1, Б6 и Б12.