Автор: Д-р Александар Богоевски, невролог
Стареењето на популацијата претставува еден од најзначајните предизвици во современата медицина. Со продолжувањето на животниот век, сè почесто се среќаваме со пациенти кај кои се присутни промени во когнитивните функции, вклучувајќи нарушување на вниманието, забавен мисловен процес и способност за обработка на информации, нарушување на мемориските способности и намалена способност за адаптација кон нови ситуации и сознанија.
Когнитивниот пад кај постарите лица не секогаш претставува дементен процес. Често се работи за состојба на намалена функционална резерва на мозокот, поврзана со природните процеси на стареење, васкуларни промени, хроничен стрес, метаболни нарушувања и намалена невронска пластичност.
Затоа, современиот невролошки пристап не се насочува само кон третман на веќе развиени заболувања, туку и кон зачувување на когнитивниот капацитет и поддршка на мозочната функција кај ризичните групи.
Неврофизиолошка основа на когнитивното стареење
Мозокот е динамичен орган кој и во зрелата возраст ја задржува способноста за адаптација преку процесите на невропластичност. За нормално функционирање на когнитивните процеси неопходна е добра комуникација помеѓу нервните клетки, оптимален метаболизам на невроните и балансирана активност на невротрансмитерските системи.
Со возраста се забележуваат одредени промени: намалување на синаптичката активност, промени во церебралниот крвен проток, зголемена чувствителност на оксидативен стрес и намалена ефикасност на нервните мрежи.
Овие промени можат да се манифестираат преку симптоми кои пациентите често ги опишуваат како „заборавање“, потешкотии со концентрацијата, замор при когнитивни активности и побавно донесување одлуки и расудување.
Улогата на гама-аминобутерната киселина (GABA) во функционирањето на нервниот систем.
Гама-аминобутерната киселина (GABA) е еден од најзначајните инхибиторни невротрансмитери во централниот нервен систем. Таа учествува во регулирањето на нервната возбудливост, одржувањето на балансот помеѓу ексцитаторните и инхибиторните процеси и оптималното функционирање на невронските мрежи.
Нарушувањето на овој баланс може да влијае врз когнитивните процеси, вниманието, квалитетот на спиењето и способноста за ментална адаптација.
Поддршка на мозочната функција
Гама-аминобутерна киселина – GABA претставува молекула која природно е присутна во нервниот систем и има значајна улога во регулирањето на невронската активност.
Во клиничката пракса, препаратите базирани на GABA се користат како поддршка кај пациенти со функционални нарушувања поврзани со церебралната активност, особено кај состојби каде постои потреба од подобрување на адаптивните способности на нервниот систем.
Кај постари пациенти со субјективни когнитивни тегоби, намалена концентрација и чувство на ментален замор, поддршката на нормалната невронска комуникација може да биде важен дел од комплексниот пристап кој вклучува и физичка активност, когнитивна стимулација, регулиран сон и контрола на васкуларните ризик фактори.
Когнитивните способности и мултидисциплинарниот пристап
Важно е да се нагласи дека когнитивното здравје кај постарите пациенти зависи од повеќе фактори. Ниту еден пристап не може да биде изолиран од останатите стратегии за зачувување на мозочната функција.
Редовната физичка активност, социјалната интеракција, менталната активност, балансираната исхрана и контрола на хроничните заболувања се основни столбови во превенцијата на когнитивниот пад.
Во тој контекст, Гама-аминобутерна киселина – GABA може да се разгледува како дополнителна поддршка во индивидуализираниот пристап кон пациентот, со цел одржување на оптимална функција на нервниот систем и подобрување на квалитетот на живот.
Когнитивното здравје кај постарите пациенти претставува важен сегмент од современата неврологија. Раното препознавање на промените и навремената поддршка на мозочната функција можат да придонесат кон подолга независност и подобар квалитет на живот.
Аминалон, преку својата улога во регулацијата на невронската активност и поддршка на нервниот систем, претставува една од можностите во комплексниот пристап кон пациенти со намалена когнитивна ефикасност и потреба од дополнителна невролошка поддршка.
Соработката помеѓу лекарот и пациентот, индивидуалниот избор на терапевтски стратегии и холистичкиот пристап остануваат клучни за зачувување на когнитивното здравје во третата животна добa.



































