Збогум за легендата на македонскиот театар Димче Мешковски

Ќе остане запаметен по култните улоги во „Солунски патрдии“ и „Викенд на мртовци“, а потоа и во „Театарче лево ќоше“, „Женски оркестар“, „Балкан бенд“…

Димче Мешковски, македонски театарски, филмски и телевизиски глумец и хуморист, почина на 77-годишна возраст во Калифорнија, САД, каде што живееше последните години.
Мешковски е роден на 31 октомври 1945 година во Скопје. Остварил улоги во многу театарски претстави, како „Диво месо“, „Солунски патрдии“, „Хамлет од Долно Гаштани“, телевизиски серии, како „Македонски народни приказни“, радиодрами и хумористични серии, меѓу кои и „Хихирику“, и играни филмови, како „Викенд на мртовци“. Во „Викенд на мртовци“ беше легендарниот Тасе, во „Солунски патрдии“ го играше Секула, а нѐ смееше и како дел од екипата на „Женски оркестар“, „Хихирику“ и многу други. Има одиграно околу 6.000 претстави и над 100 премиери за 35 години. Најмногу ќе остане запаметен по „Солунски патрдии“ и по „Викенд на мртовци“, а потоа и по „Театарче лево ќоше“, „Женски оркестар“, „Балкан бенд“. Играл во многу детски серии.
Си замина малку порано од театарот и еден краток период беше слободен уметник, но продолжи да игра уште некое време. Имаше и школа за млади актери во состав на општината Карпош, работеше со ученици од шесто одделение нагоре, така што животот му беше исполнет и со оваа активност.
Својот глас го позајмувал и при синхронизацијата на цртани филмови, меѓу кои и Гаргамел во „Штрумфови, а познат е и по улогата на Дедо Мраз во новогодишните претстави за деца. Добитник е на повеќе награди: во 1979 г. награда за најдобра машка улога во претставата „Солунски патрдии“ за ликот на Секула во режија на Коле Ангеловски, во 1985 г. награда „Војдан Чернодрински“ за претставата „Викенд на мртовци“ во режија на Коле Ангеловски, во 1988 г. награда за најпопуларно ТВ-лице според анкетата на „Екран“, во 1991 г. награда за претставата „Болва в’уво“ за најдобра машка улога, како и на наградите „13 Ноември“ и „Ристо Шишков“. Во 2008 година ја доби наградата за животно дело „Војдан Чернодрински“.