Познатата француска модна дизајнерка Коко Шанел досега беше хероина на модната сцена, а како лик се појави во романи, филмови и ТВ-серии за нејзиниот живот. Сега таа доминира во најубавата и најтешка уметност, односно прерасна во балетска хероина. Три големи светски балетски театри, Балетот на Хонгконг, Балетот на Атланта и Балетот на Квинсленд, го реализираа овој голем заеднички потфат, нов и, како што истакнаа, долгоочекуван танцов проект. Тие решија да ги здружат силите за да реализираат претстава за животот на модната икона Коко Шанел, чија работа ја одбележи модата на 20 век. Сега нејзиниот возбудлив живот и долгогодишна кариера станаа балет, кој со нетрпение го очекуваа сите љубители на оваа уметност.
Премиерата на балетот „Коко Шанел: Животот и модата“ се одржа деновиве на Академијата за изведувачки уметности во Хонгконг. Сите билети беа распродадени во текот на неколкуте дена од јануари, кога беа пуштени во продажба. По азиската премиера, балетот за Коко се сели во САД, каде што ќе се игра на сцената на Балетот на Атланта, во февруари 2024 година, а најавен е и за премиера во Австралија и во Квинсленд есента истата година.
Оригиналната музика за балетот ја компонираше британскиот композитор Питер Салем, кој пишува за театар, филм и телевизија, а можеби е најпознат како автор на музиката за британската ТВ-серија „Повикај ја бабичката“. Приказната за Коко е во кореографија на наградуваната белгиска кореографка Анабел Лопез Очоа, а Џером Капланад беше задолжен за сценографијата и костимите.