Во Културно-информативниот центар на Македонија во Загреб беше организирана уметничка вечер со Томислав Османли. Нашиот автор беше претставен како писател, драмски автор и теоретичар на стрипот и творец со четиридецениско присуство во македонската култура и уметност. Кон повеќестраниот опус на Османли се осврна Наталија Поповска, директорка на нашиот КИЦ во Загреб, а за неговиот прозен и дел од драмскиот опус говореше режисерот и писател Матко Сршен, професор на Факултетот за драмски уметности во Загреб.
Медијатор на уметничката вечер беше Ивица Баковиќ, раководител на Катедрата за македонски јазик и литература при Филозофскиот факултет во Загреб.
Делови од хрватското издание на наградениот и пошироко објавуваниот роман „Дваесет и првиот“ на Османли читаа студенти. Ова издание во превод на Борислав Павловски пред една деценија излезе токму во Загреб, во издание на престижното книгоиздателство „Сандорф“. Проследено со повеќе позитивни објави од перата на хрватските книжевни критичари Јагна Погачник, Божидар Алајбеговиќ и Теута Бутучи, како и интервјуа со нашиот автор, ова издание го отвори патот на објавите на романот „Дваесет и првиот“ и во Србија, Црна Гора, Бугарија, Египет…
На загрепската авторска вечер посветена на нашиот писател настапи пијанистот Виктор Рафајловски.