Концерт на „Трио сопран, кларинет, пијано“, во чиј состав се: Марија Наумовска Бакревски – сопран, Игор Бакревски – кларинет и Иван Еминовиќ – диригент ќе се одржи вечерва, во 20 часот, во Уметничка галерија во Струмица.
Ова трио е формирано во 2017 година кога и го има првиот концерт во оваа формација на фестивалот „Битфест“ во Битола. Иако триото е релативно младо, музичарите се познаваат и функционираат од поодамна заедно во други состави. Првичната идеја, бидејќи сите тројца се врaботени во Македонската опера и балет, беше да направат еден камерен состав во кој ќе има спој на вокал и оркестарски инструмент и, секако, пијано што би било база и сигурно совршенство би се постигнало кога инструментот би успеал успешно да звучи како вокалот, а вокалот би го достигнал совршенството кога успешно би имитирал инструмент.
Марија Наумовска Бакревски – сопран, дипломира на ФМУ. Како солист има настапувано со хоровите: „Драган Шуплевски“, „Св. Климент Охридски“, „М.К.Ц“, „Св. Богородица“ и оркестарот „Арко“. Настапувала на поважните домашни фестивали. Игор Бакревски – кларинет, учествува на повеќе државни меѓународни натпревари каде што е добитник на поголем број први награди. Во 2007 година добива целосна стипендија да студира на Бостонскиот конзерваториум во Бостон, Масачусетс, каде што неколку месеци студира во класата на познатиот кларинетист Џонатан Колер.
Бакревски во моментов е вработен во Македонската филхармонија како прв кларинетист. Иван Еминовиќ – диригент, на ФМУ во Скопје се запишува на Одделот за оркестарско диригирање во класата на Саша Николовски–Ѓумар, каде што во 2010 година дипломира со концерт во чест на Коста Трпков, истовремено добивајќи награда од фондацијата „Томислав Зографски“ како најдобар студент на одделите за диригирање, композицијата, музикологија и музичка теорија и педагогија. Во 2012 година магистрира со почести со операта „Рита“.