Промоција на две книги на Габриела Стојаноска-Станоеска

Промоција на книгите: „Драми (Трудници/Тајни)“ и збирката раскази „Сега би пишувала за…“ на Габриела Стојаноска-Станоеска ќе се одржи вечерва, со почеток во 19 часот, во домот на култура „Кочо Рацин“ во Скопје.

За збирката раскази „Сега би пишувала за…“ во која 57-те раскази се групирани во три циклуса: „Сега би пишувала за…“ (истоимен со насловот на книгата,) „Стар живот“ и „Разводнување развод“ ќе зборува еминентната поетеса и прозаистка Гордана Михаилова-Бошнакоска, а за двата драмски текста „Трудници“ и „Тајни“ од книгата „Драми(Трудници/Тајни)“ ќе зборува актерката првенка на МНТ и режисерка – Звездана Ангеловска.

Според писателот Петар Петрески, книжевното писмо на Стојаноска-Станоеска е натопено со лиризам, искреност и препознатлив автентичен исказ. Таа не се воздржува, не се двоуми во творечкиот третман на современите табу-теми, како што се, на пример, женската сексуалност, бременоста, брачната „Рубикова коцка“, растајнувајќи ни го, мошне успешно и сугестивно, сето она што се крие зад завесата на нашето вродено лицемерство.

Габриела Стојаноска-Станоеска (Прилеп 1978) магистрира на Катедрата за oпшта и компаративна книжевност при Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ во Скопје. Работи како наставничка по македонски јазик и е главна и одговорна уредничка на списанието за литература, уметност и култура „Стремеж“. Ги има објавено збирките раскази „Гола“ (2007) и „Приказни за краткоста“ (2019); научната студија „Кусиот расказ и сонот“ (2018).