Македонската филхармонија ја продолжува соработката со новиот шеф диригент, маестро Јерухам Шаровски од Израел, која започна минатата концертна сезона. Маестро Шаровски неделава е во Скопје, со цел да оствари средби со музичарите и со уметничкиот одбор, за да се докомплетира годишната програма, поточно концертните настани за оваа и за наредната сезона, настани со кои најстарата национална музичка институција го слави големиот јубилеј – 80 години од постоењето.
На состанокот присуствуваа членовите на уметничкиот одбор, во чии редови се и некои од музичарите од оркестарот: Анна Кондратенко, концертмајстор, Владимир Лазаревски, прва обоа, Бојан Талевски, прва виола, Маја Чанаќевиќ, англиски рог, Дејан Теодосиевски, виолончело и шеф на оркестар, како и продуцентките Симона Гајдоска и Тина Иванова и в.д. директорката Ангелина Димоска-Миташева.
– На првата работна средба во оваа седмица се донесоа значајни решенија за растежот на Македонската филхармонија, особено во годината кога одбележува осум децении постоење. Но, секако, и одлуки за квалитативен и уметнички прогрес, за нови и продуктивни начини на работа, со кои не само што ќе се потврди огромната улога на Македонската филхармонија во земјава туку и ќе се реализираат настани што ќе претстават висока репутација. Маестро Јерухам Шаровски е долгогодишен пријател на Македонската филхармонија, долгогодишен соработник, диригент, но и уметнички консултант, а сега и во наредните две години, како шеф диригент, ќе се заложи за побогати содржини, кои ќе значат многу не само за институцијата туку и воопшто за целокупната музичка култура во земјата – велат од Филхармонијата.
Шаровски ќе настапи како диригент на 23 мај, на свеченото официјално затворање на годинешната концертна сезона, и потоа на 10 октомври, на свеченото отворање на новата концертна сезона, кога ќе му се даде силен акцент на 80-годишниот јубилеј.