Со „Лексиконот на странски уметници во Македонија во периодот 1850 – 1950“, Македонија се пројавува како простор на европски поврзувања наместо старото јаболко на балканските раздори

„Лексиконот на странски уметници во Македонија во периодот 1850 ‒ 1950“, дело иницирано од Влатко Милошевски на кое подоцна продуктивно му се приклучил и коавторот Зоран Андонов, барем последнава деценија е најоригиналната и најзначајна објава од доменот на историјата на уметноста. Оваа двојазична книга на македонски и на англиски јазик е многу повеќе од лексикон, како што скромно ја насловуваат авторите. Таа е детализиран паноптикум на уметници и дела, во најмалку познатиот домен на ликовната историја, наша, но и меѓународна, кој за просторна рамка го зема географскиот простор на Македонија и на нејзините луѓе, населби и пејзажи како богата инспирација, разнороден мотив, тема, лика, пејзаж, композиција и фотографски документ на близу 200 уметници од најширокиот меѓународен, главно европски ликовен и културен простор. Некои од тие уметници, на македонските географски, етнографски и геополитички простори, престојувале индивидуално, со мирновременски поводи, но повеќето во рамките на воените деташмани и присуства на немирниот Балкан, каде што своите видувања и инспирации ги овековечувале во изненадувачки многубројни и сјајни, разнородни уметнички творби.
Ликовните богатства што се претставени во оваа книга се резултат на деценија и пол долгата, ентузијастичка и ангажирана тематска потрага на еден благороден електроинженер и компјутерски стручњак, кој е роден во Скопје, но со години живее и работи во Холандија, а очигледно не престанува да ја мечтае својата земја, луѓето и духот на овие простори, и тоа на најпродуктивниот можен начин: изразувајќи ги своите мечти низ доживувањата на многубројните ликовни уметници застапени во неговиот естетски проект. Така тој го гради ликовниот мозаик за Македонија низ артефактите што ги наоѓа во својата 15-годишна потрага по уметниците и особено по нивните творби што во слика ги овековечувале духот и историскиот изглед на овие особени, волшебни простори. Накусо, оваа книга е дело иницирано од еден систематичен автор, вљубен во уметноста врзана за мотивите на неговиот (најшироко сфатен) домицилен предел и поттикнат од ликовните и етнографските рефлексии остварени во ликовните дела на странците што ги сликаат и сјајно, разнородно и богато природните простори, пејзажите, но неизоставно и живописните ликови, носии, амбиенти на Македонија од двете столетија што се определени во насловот на Лексиконот… Овие уметници ги изразуваат своите особени творби, медиумските и стилски разнородни уметнички видувања на македонските амбиенти и човечки простори. Во потрагата по тие богати видувања, авторите дискретно ги означуваат и своите сопствени, како впрочем и другите македонски етнички, како и мултиетнички домицили.

Влатко Милошевски и Зоран Андонов, со слика и со вешто напишан збор, преку овој проект ни покажуваат како се сакаат својот народ и неговото минато, кои убавини ги носи роднокрајниот, но и најширокиот предел на географска Македонија, заедно со другите народи и култури што го населуваат тој предел. Токму затоа „Лексиконот на странски уметници во Македонија во периодот 1850 ‒ 1950“ го доживувам како израз на еден универзалистички и наедно многу личен естетски патриотизам во чии мотивации е населена, и етничка, и мултиетничка Македонија на авторскиот двоец Милошевски и Андонов; а со тоа и Македонија што ми припаѓа „и мене“, а наедно и на сите нас.
Систематично, според потеклото на уметниците, енциклопедиски педантно, но далеку пообилно во соопштувањето на биографските податоци, често и на возбудливите животописи на застапените странски уметници, авторите ги претставуваат креативните личности, уметничките, често и приватните биографии на голем број ‒ над 200 – на често не/доволно познати, автори и на уште повеќебројни ликовни дела создавани низ декадите, во текот на едно возбудливо, драматично столетие во кое тие ја фокусираат втората половина на 19 и првата половина на 20 век. Тој нивен едновековен македонски историски фокус е исполнет со неспокои, војни, меѓуетнички судири, со драматични и трагични настани, но и со соживот, мултиколоритност, спокојно иако макотрпно секојдневие на луѓето и на народите од овој комплексен простор, како што тоа убаво се отчитува од мозаикот формиран од многубројните уметнички творби што се претставени во ликовниот Лексикон. Голем број од нив се вистински ликовни ремек-дела (масла, акварели, гвашеви, графики, цртежи со молив и со туш, дрворези, документарни и уметнички фотографии…) – во едната димензија прецизни сведоштва, а во другата, еднакво значајна, разнородни доживувања на различните теми и мотиви, кои на рафинираните уметнички погледи и инспирации, остварени низ примената на европски најактуелните своевремени ликовни стилови, во распон од реализмот, импресионизмот, геометризмот до кубизмот низ кои македонските амбиенти ги согледуваат и ги изразуваат ликовните уметници од различните европски и балкански средини: од Англија, Италија, Германија и Франција, до Грција, Бугарија, Србија, Хрватска, но и Австроунгарија и Југославија… и кои им ги нуди широката и живописна територија на географскиот предел на Македонија денес распореден во четири балкански држави што денес го владеат живописниот мултиетнички и мултикултурален пејзаж.

Со оваа книга чиишто богато опремени страници, сјајно дизајнирани (Небојша Гелевски), и со солидни двојазични текстуални претставувања на авторите и со многубројни колор-илустрации на ликовните и на еден број дела од применетата уметност, авторите лесно успеваат во нешто што тешко им оди од рака на политичарите: раскошно да ја отворат Македонија ‒ како мултиетнички и мултикултурен, жив, колоритен, разнообразен простор, но наедно и простор на духовни, обичајни и менталитетни прелевања ‒ кон Европа, имено како нејзин неразделен, едни пати особен и ориентално егзотичен, други пати сосем соодветен западен културен европски простор и амбиент; соочувајќи нѐ и нас, но и европските љубители на уметноста со погледите врз богата мултикултурална етнографика, пејзаж, секојдневие, амбиенти и специфични градби од различни периоди на оваа почва што памети и содржи, покрај современите и древни сеќавања, обичаи, типологија, костимографија и историска сценографии на стари сосем зачувани, но и на со векови разурнати објекти…
Така, со оваа капитална објава, „Лексиконот на странски уметници во Македонија во периодот 1850 ‒ 1950“, Македонија се пројавува како простор на европски поврзувања наместо старото јаболко на балканските раздори. Уште еднаш се потврдува дека само уметноста, особено во вознемирени времиња, токму низ убавината на еден европски преоткриен простор може да го спаси духот на светот, но и самиот свет од неговите стереотипи и предубедувања спрема вештачки дистанцираните простори.

Автор: Томислав Османли