Вековниот сон на сите генерации

Денес, 31 година по 8 септември 1991 година, само по себе се наметнува прашањето дали со осамостојувањето Македонија ги оствари сите свои поставени идеали. Одговорот е и да, и не. Зошто денес, и по 31 година од независноста, македонскиот народ е исправен пред предизвикот да ги докажува својот национален идентитет и суверена волја да живее во своја самостојна суверена држава

Македонија в четврток ќе го одбележи својот голем празник Осми септември, Денот на независноста, и ќе прослави точно 31 година од својата сувереност и независност.
Точно пред 31 година, на референдумот на 8 септември 1991 година, вкупно 95,09 отсто од излезените граѓани, или 72,16 отсто од вкупниот број граѓани со право на глас, речиси акламативно се изјаснија за суверена, самостојна, независна држава Република Македонија. Со плебисцитарното изјаснување за одвојување од скратената Југославија и формирање независна суверена самостојна држава Република Македонија се остварија вековниот сон и идеал на македонскиот народ и сите народности што живеат во Македонија, да живеат во своја самостојна независна и суверена држава, во која тие сами ќе ги градат својата сегашност и иднина.
Неколку дена по референдумот, на 17 септември 1991 г., Собранието на Република Македонија ја донесе Декларацијата за потврдување на референдумските резултати за конституирање на Република Македонија како суверена и самостојна држава. Во Декларацијата стои дека граѓаните на Република Македонија, на демократски начин, испишаа нова страница во македонската многувековна историја за заокружување на самостојноста и сувереноста на Република Македонија како држава.
За Осми септември 1991 година велат дека е третиот Илинден, кога се оствари вековниот сон на сите генерации Македонци да имаат сопствена држава. На 8 септември 1991 година, по 119 години од првиот Илинден во 1903 година, Македонија го оствари својот вековен сон да биде своја на своето и да има своја држава. Во првиот Илинден во 1903-та се оствари сонот не само на илинденците туку и на сите тогашни генерации да се ослободат од османлиското ропство и да формираат своја република, прва на Балканот. Но иако Крушевската Република беше крваво задушена, факелот на Илинден остана да сјае.
По цели 119 години од првиот Илинден и 46 години заеднички живот во бивша Југославија, Македонија на 8 септември 1991 година се определи и изјасни за самостојност. На тој ден, за разлика од првиот Илинден во 1903-та, кога илинденците за Крушевската Република се изборија со пушка во рацете и многу изгубени млади животи, на 8 септември 1991 година, иако некои беа скептични и агитираа Македонија да го фати последниот воз за Белград, да живеат во скратена Југославија, сепак македонскиот народ својата независност и сувереност ги стекна на најдемократски начин, со пенкало во рацете.
Сега, 31 година подоцна од 8 септември 1991 година, само по себе се наметнува прашањето дали со осамостојувањето Македонија ги оствари сите свои поставени идеали. Одговорот е и да, и не.

Иако Бадинтер, покрај Словенија, Македонија ја оцени како единствена држава што ги исполнува сите услови по распаѓањето на Југославија да има своја самостојна и суверена држава, сепак поради сопките и опструкциите од соседите, Македонија на патот за членство во ООН и ЕУ мораше да се справува со голем број неправди, омаловажувања, негирања, понижувања. Во тоа време Македонија при приемот во ООН беше условена да го смени своето вековно име во привременото име ФИРОМ (поранешна југословенска Република Македонија), кое, иако требаше да трае само два месеца, траеше и опстојуваше сѐ до договорот со Грција во Нивице, кој, пак, донесе нови проблеми и омаловажувања на европскиот пат. По барањето за смена на уставното име, следуваа новите услови за смена на знамето, откажувањето од Македонците што живеат во соседните земји, неколку смени на Уставот…
Покрај притисоците однадвор, Македонија цели 31 година се соочува и со условувања и притисоци одвнатре. Десет години по нејзината независност, во 2001-та, на Македонија ѝ се случи оружен конфликт, кој остана недефиниран до ден-денес. Пламенот што тогаш го запалија некои усвитени глави, за среќа, беше брзо изгаснат и не се прошири.
Денешна Македонија, и по 31 година, е исправена пред предизвикот да ги докажува својот национален идентитет и суверена волја да живее во своја самостојна суверена држава.
Осми септември 1991 година е олицетворение и синоним на раѓањето на новата суверена и независна држава Република Македонија. Но, за жал, во изминатите 31 година од својата независност, Македонија доста често лута на патот кон остварувањето на своите поставени цели и идеали. На тој наш пат по маките често сме соочени со уцени, притисоци, мноштво непринципиелности и непочитување на меѓународното право итн. Во настојувањето членството во ЕУ да го перципираат како партиско прашање, многу македонски политичари се загубија и во времето и во просторот и подлегнуваат и на најмалите притисоци и условувања, откажувајќи се од сѐ и сешто, па и од најсветите нешта на македонската држава. Да биде иронијата поголема, сите такви жртви, наводно, тие ги прават за да го остварат сонот на најголемиот број граѓани да ја внесат Македонија во ЕУ и, конечно, овој народ да живее во европското семејство.

Но не можејќи да ги чекаат резултатите од таквите политики, многубројни незавршени реформи, преструктурирање, пропаднати планови, во меѓувреме голем број македонски граѓани, особено младите, ја напуштија државата и веќе станаа европски граѓани. Масовното иселување и миграцијата на младите во голема мера предизвикаа државата да се соочува со недостиг од квалитетен кадар, во сите области.
Сега, спроти одбележувањето на 8 Септември, без разлика на сите проблеми и условувања со кои се соочува Македонија на својот пат, сепак едно е јасно –
Македонија од 8 септември 1991 година е суверена, независна и самостојна држава, која сама (треба да) одлучува за својата сегашност и иднина. Партиите мора да сфатат дека тој пат треба да го изодат заедно и единствени.
Жртвите што паднаа за остварување на вековната идеја, за самостојна независна држава, постојано опоменуваат и предупредуваат дека никој нема право да си игра и поигрува со државните интереси на Македонија, без разлика за кој политичар станува збор, дали е во власта или во опозиција. Ова е вечен аманет на сите што ги вградија своите животи во темелите на македонската држава.