Во издание на „Бата прес“ е објавен романот „Хурем – московската наложница“ од познатата турска авторка Демет Алтинјелеклиоглу. Делото од турски на македонски јазик го преведе Саки Јусуфовски. Станува збор за документарен, историски и љубовен роман за сопругата на Сулејман Величествениот, која на овдешната публика ѝ е позната и по популарната телевизиска серија „Величествениот“, која се емитуваше на националните телевизии.
– Прекрасната Хурем е во постојана борба: со нејзините грабнувачи, суровите евнуси – главатари на харемот, Махидевран – миленичката на султанот што му родила син престолонаследник. Се бори со моќниот Ибрахим-паша… Хурем се бори да ги заштити своите синови и единствената ќерка, но и да им го отвори патот до престолот… Многу моменти од романот потсетуваат на денешните настани и војната во Украина – вели издавачот.
Авторката Демет Алтинјелеклиоглу е родена во 1955 година, во Анкара, каде што дипломирала на Факултетот за политички науки, а магистрирала образовни комуникации на универзитетот „Хачетепе“. Како писателка и продуцентка на Турската радио-телевизија, најмногу работела дела од жанрот историска фантастика. Нејзиниот прв роман, „Хурем – московската наложница“, беше објавен во 2009 година, а потоа напиша цела серија популарни романи за славните жени во османлиската династија. На македонски ѝ е објавен и историскиот роман „Црната кралица Косем-султан“ (2017).