Изложбата на дела „Во кревет“ на Мила Добревска ќе биде отворена на 16 септември, во 20 ч., во МКЦ. Добревска е современа визуелна авторка (сликарка и мозаичарка), која со својот единствен ликовен јазик, комбинирајќи ги експресивните движења на четката, играта на боените површини, како и редењето на мозаиците, има цел да доловува и да буди силни човечки емоции.
Изложбата насловена „Во кревет“ е прва самостојна изложба на Добревска и претставува истражување на душата и потсвеста на човекот во својата најинтимна, најлична состојба. Овој опус, веројатно, доаѓа од авторовото истражување на личното и интимноста. Со креативната репрезентација на секојдневието, делата се претставени како потрага по инстинктивното и потсвесното. Претставувањето на ликовите во сонлива состојба е речиси апстрактно, крајно геометризирано со едноставни форми што суптилно ги доловуваат човечките стремежи преку доминантната игра на контрастни бои што се натпреваруваат. Со чистиот и храбар колорит, набљудувачот е вовлечен во емоционалните пејзажи создадени од уметникот. Невообичаениот приод кон медиумот на работа, со техниката на мозаик и импасто на платно, текстуралноста на густите потези, боените монохроматски површини имаат цел да нѐ воведат преку нашата имагинација целосно да се поврземе со претставеното авторско сценарио.
Mила Добревска дипломира на Академијата за ликовни уметности во Равена, Италија, како визуелен уметник и мозаичар. Моментално Добревска ги завршува своите постдипломски студии на истиот факултет во Равена, со фокус на мозаикот.