Дебитантскиот долгометражен филмски проект „Пролетно чистење“ на Марија Апчевска Петровска, во продукција на „Кинооко“, доби финансиска поддршка за развој од „Креативна Европа медија“, програма наменета за европската аудиовизуелна индустрија што им овозможува поддршка на европските филмски работници за развој на нови филмски проекти, наоѓање партнери и обраќање до поширока публика, надвор од националните граници.
Со системот на „Медија“ за давање финансиска поддршка е олеснето кофинансирањето на филмовите на помалите продукциски компании, кои најчесто се сретнуваат со тешкотии при прoнаоѓањето нови извори на финансирање. Потпрограмата исто така поддржува развој и дистрибуција, вклучувајќи ги играните и документарните филмови, телевизиските серии и нови медиумски проекти.
Проектот „Пролетно чистење“ е финансиски поддржан и од Агенцијата за филм на Македонија.