Македонската асоцијација на издавачи (МАИ) распишува конкурс за наградите на МАИ за најдобри достигнувања во издаваштвото во периодот меѓу двата саема на книга. За време на Саемот на книгата, кој ќе се одржи од 3 до 9 мај, асоцијацијата ќе додели признанија за најдобрите изданија, автори и издавачки проекти. МАИ ги поканува сите издавачи да ги испратат своите најдобри проекти и да учествуваат во трката за најдобри постигнувања во следниве категории: едиција, ликовно-графички уредено издание, најдобра книга за деца, автор на годината, најкреативно издание, поттикнување општествена одговорност, промотор на читачката култура и иновативност.
Оваа година комисијата е во состав: новинарката за култура Весна Дамчевска, книжевникот и театролог Сашо Димоски и графичкиот дизајнер и арт-директор Никола Војнов.
– Наградите што ги доделува Македонската асоцијација на издавачи се признание за најкреативните и највредни автори, илустратори, издавачи и промотори на читањето, а нивната улога е да постават пример и да бидат инспирација за сите други, со крајна цел издаваштвото во нашата држава постојано да се развива и да поставува сè повисоки стандарди – вели Бојан Саздов, претседател на МАИ.
Документот за аплицирање издавачите можат да го добијат пишувајќи на е-поштата [email protected]. Крајниот рок за испраќање на апликациите е 25 април, а свеченото доделување ќе се одржи на 4 мај, на Саемот.