Во рамките на истражувањата на Центарот за истражување на предисторијата, добиена е потврда за најстарото потекло на леќата и грашокот во Европа. Имено, со археоботаничките анализи на растенијата пронајдени при ископувањето на археолошкиот локалитет Влахо во Пелагонија се детектирани остатоци од повеќе мешункасти плодови и жито. Нивното датирање со помош на радиокарбон-анализите потврди дека тие биле користени во втората половина на седмиот милениум пр. н.е., што ги прави овие остатоци од Влахо најстари досега датирани леќа и грашок во Европа.
– Остатоците од леќа, грашок и жито се откриени при археолошкото истражување на локалитетот Влахо кај Живојно во соработка меѓу Центарот за истражување на предисторијата и Заводот и музеј – Битола. Со примена на археоботаничките и радиокарбон-анализи во Универзитетите во Базел, Белград, Севилја и Цирих се детектираа видовите и се утврди нивната старост од околу 8.300 години. Во текот на овие истражувања се посочува и на тоа дека житото и афионот откриени на Влахо се исто така едни од најстарите во Европа, што дополнително ќе се проверува со натамошните анализи. Археоботаничките проучувања на Влахо се изведени во релација со неолитските локалитети Врбјанска Чука и Велушка Тумба во Пелагонија, така што резултатите посочуваат на различни стопански практики меѓу овие населби. Исхраната се адаптирала на климатските разлики во регионот, така што во голема мера се консумирале грашок, пченица, јачмен и леќа, а постојат индикации и за можно приготвување пиво.

Посевот најчесто се жнеел во пролет, додека еднозрната пченица била повеќе користена во северните делови на Пелагонија – велат од Центарот за истражување на предисторијата.
Резултатите од овие археоботанички истражувања се публикувани во „Веџитешнал хистори анд археоботани“, кое е едно од првите десет археолошки списанија со највисок импакт-фактор во светот. Тоа наедно ги потврдува научните аргументи поврзани со неолитската исхрана во Пелагонија и раното датирање на мешункастите растенија и житото. Освен истакнатиот научен карактер на публикуваните податоци, овој труд исто така го презентира и предисториското културно наследство во Македонија во светски рамки и ја акцентира неговата битна улога во појавата на земјоделството во Европа. Археоботаничките анализи се направени од Амалиа Сабанов, Феран Антолин и Раул Сотерас, радиокарбон-анализите од Ирка Хајдас, а изведени се во рамките на мултидисциплинарното истражување на неолитските тумби во Пелагонија под раководство на Гоце Наумов.

– Мултидисциплинарните истражувања на Влахо, Врбјанска Чука и Велушка Тумба се одвиваат повеќе години и даваат сосема ново светло за значењето на пелагонискиот неолит во поширок европски контекст. Освен археолошките ископувања, на овие локалитети се применети и геофизичкото скенирање, геоархеолошки, археозоолошки, археоботанички, антрополошки и радиокарбон анализи, како и проучувањето на липидите, изотопите и функциите на алатките. Локалитетите се документирани со фотограметриски модели и ласерско скенирање, а исто така се направени и дигитални 3Д-реконструкции на градбите и неолитските села, што овозможува нивно доследно презентирање и пред пошироката јавност. Ваквиот пристап обезбедува доследно толкување на времето и карактерот на овие неолитски тумби и нивно истражување преку најсовремените археолошки методи. Досегашните резултати се публикувани во повеќе врвни меѓународни списанија и се презентирани на разни предавања и конференции во Европа и во САД, што наедно ја прават Пелагонија поприсутна на светската археолошка мапа – велат од Центарот за истражување на предисторијата.