Во изложбениот салон на центарoт за култура „Трајко Прокопиев“ во Куманово, денеска, во 19 часот ќе биде отворена изложба на цртежи на архитектот Љубе Чаловски. Изложбата содржи триесетина цртежи работени во техниката јаглен на хартија, кои се работени во последните неколку години.
Љубе Чаловски дипломирал на Архитектонскиот факултет во Скопје во 1975 година. Има реализирано шест самостојни изложби, активен член е на Комората на овластени инженери и техничари, Сојузот на архитекти, соработник со „Мост проект“ од Москва и „ГерцИ Швајцарија“.
– Поводот за оваа изложба е изминатиот период од 20 години од првата изложба во НУЦК „Трајко Прокопиев“ – Куманово. Јубилеј достоен за почит. Инспириран, ненаметливо го создаде новиот ликовен опус – вели авторот.
На оваа ликовна изложба се изложени дела со мотиви од просторите и градовите на повеќе меридијани каде што градел и престојувал во изминатиот период авторот повеќе од 30 години, и тоа Блискиот Исток, Јужен Сибир, Русија, балтичките земји, Грција и се разбира мотиви од преубавата Македонија од Велес, Крушево, Кратово, Гостивар, Тетово, Охрид и Галичник, кои во ризницата се со посебно значење.
– Цртежите во техниката јаглен на хартија ги воскреснаа скиците од објектите каде што престојував и градев. Тие се создадени во ретките мигови на слободно време.
Инспирацијата од пределите каде што престојував се со мотиви од архитектура, пејзажи што се приложени во цртежите. Тие добиваат нова димензија и експресија, но и филозофија на човекот наспроти природата и убавината. Суптилниот начин на изразување е крилатицата на Анри Мишо, кој вели: Остави ја линијата да сонува – додава Љубе Чаловски.
Изложбата ќе биде поставена во следните две недели.