Програмата на фестивалот АКТО 18 за октомври, под името „Попаметен град 3.0 – Феникс или Апокалипса?“, предвидува едукација, изложба, проекција на филм и разговори, сето тоа испреплетено низ архитектурата, уметноста, филмот, театарот… а инспирирано од нашата грижа кон другиот и просторите помеѓу. Во амфитеатарот на Архитектонски факултет беше прикажан документарниот филм „Витиќ танцува“, на концептуалниот интермедијален уметник Борис Бакал и уметничката организација „Фрлачи на сенки“, посветен на дваесетгодишната борба на станарите за обновување на Витиќевиот облакодер во Загреб, инаку ремек-дело на модернистичката архитектура, која на тој начин станува метафора на целото општество. Филмот преку архивски снимки и сведоштва на поранешни и сегашни жители на Витиќевиот облакодер, архитекти, активисти и други инволвирани се обидува да воспостави свест за инфраструктурата во служба на заедницата. Тоа е зграда во која се рефлектираа сите клучни општествени моменти и несогласувања. Вреден и долго запоставен споменик на културата, Витиќевиот облакодер истовремено е и показател за систематска негрижа кон социјалистичкото наследство, но и за парадоксот на поранешниот систем. Нормализацијата на клиентелизмот и корупцијата, недоволниот капацитет за домување во Загреб, систематското запоставување на јавните простори и отсуството на урбанистичко планирање се теми што се рефлектираат во филмот.
На 21 октомври (сабота), во 12 часот, во Киното на железничка станица, ќе биде отворена изложбата „Попаметен град 3.0 – Феникс или апокалипса?“. Потпирајќи се на претходното разбирање на архитектурата како метафора на општеството, со „Попаметен град 3.0 – Феникс или Апокалипса?“ „фрлачите на сенки“ нè провоцираат со прашањата: Како да се ангажираат луѓето и нивните заедници за време на природни катастрофи, каде да се најде солидарност за време на катастрофа и што ако отсуствува таков човечки однос? Користејќи го Скопје како референтна точка, изложбата прикажува фотоколажи од градот – каков е денес и каков беше пред земјотресот, архивски филмови за периодот по земјотресот и многубројни монографии и книги за скопската „апокалипса“, како и неговиот подем како „феникс“.