Фото: ЕПА

Прашањето како да се реши израелско-палестинскиот конфликт е клучно геополитичко прашање уште од 1948 година и создавањето на државата Израел, кое беше настан што резултира со голем број последователни конфликти меѓу Израелците и Палестинците. Одлуката на Обединетите нации во 1947 година да го поделат поранешниот британски колонијален посед на Палестина на арапска (палестинска) и израелска (еврејска) држава темелно го потресе текот на историјата на Блискиот Исток и пошироко. Светата земја со главниот град Ерусалим е местото каде што се родени трите најголеми светски религии, јудаизмот, христијанството и исламот. Наместо да стане место на мир, толеранција и соживот на различните религии во 20 и 21 век, светата земја се претвори во сцена на крвави престрелки, на кои сме сведоци и деновиве, во последната рунда израелско-палестински конфликти, кои се закануваат со војна од големи размери, се наведува меѓу другото во опширната анализа на порталот „Геополитика њуз“

Моделите за решавање на израелско-палестинскиот конфликт (3)

Моделот на две држави е најпопуларниот модел за решавање на израелско-палестинскиот конфликт, кој беше предложен од Генералното собрание на ОН на 29 ноември 1947 година, со споменатата резолуција 181 (II). Впрочем, врз основа на таа резолуција на ОН, државата Израел беше формирана следната година во мај. Секој модел на две држави подразбира израелска (еврејска) и палестинска држава. Во 1974 година резолуцијата на ОН даде дополнителна поддршка за решението за две држави, како и многу други резолуции. Неодамна, резолуцијата на ОН усвоена во ноември 2013 година, со 165 гласа за, 6 против и 6 воздржани (Израел и САД гласаа против), исто така, го поддржа решението за две држави. Мнозинството од меѓународната заедница ја поддржува оваа идеја, која на прв поглед изгледа како најлогично решение, како што ќе кажат многу Евреи и Палестинци. Сепак, решението со две држави не е лесно да се спроведе во практика. Токму затоа што „ѓаволот е во деталите“. Главниот камен на сопнување е демаркационата линија, по која следува прашањето за Ерусалим и неговото бесценето религиозно значење за Евреите и муслиманите. Еврејските населби на Западниот Брег и позицијата на палестинските бегалци исто така се појавуваат како неодложни прашања.
Во срцето на конфликтот меѓу двата народа е разграничувањето. Каде завршува Израел и почнува Палестина е прашање што вреди не милион, туку милијарда долари. Зашто, кој ќе го одреди прецизно тоа и двете страни ќе го прифатат, заслужува многу повеќе од Нобеловата награда за мир. Кога аналитичарите разговараат за постигнување мир, честопати како победничко решение го потенцираат враќањето на границите до 1967 година или т.н. зелена линија, односно линијата за примирје што беше повлечена на крајот од Првата израелско-арапска војна во 1949 година. Така, на пример, во 2011 година, Барак Обама изјави дека „границите на Израел и Палестина треба да се засноваат на демаркацијата од 1967 г., со меѓусебно договорена размена на територии“. Иако Обама ја доби наградата за мир во 2009 година, неговата поддршка за моделот на две држави не донесе мир во светата земја. Кога ќе се види сложеноста на таквиот модел, не е чудно што е ист како и надворешната политика на Обама, која често повеќе поттикнуваше конфликти отколку што ги смируваше. Решението за две држави резултира со поделба на Ерусалим на западен израелски и источен палестински дел. Многумина од израелската десница силно се противат на тој концепт. Особено тешко прашање, дури и за оние Израелци што се подготвени да направат компромис, е што би се случило со стариот град, западниот ѕид и планината на храмот. Покрај еврејските свети места, некои клучни израелски институции, вклучувајќи го и Хебрејскиот универзитет, се наоѓаат во Источен Ерусалим, како и еврејските населби.

Прашањето за еврејските населби на Западниот Брег

Ако го прифатиме мислењето на Обама и другите експерти за надворешна политика дека границите биле неприкосновена светост до 1967 година, стотици илјади Израелци што живеат во создадените еврејски населби на Западниот Брег ќе завршат во палестинска држава. Прашањето е дали овие Евреи ќе станат државјани на Палестина или, евентуално насилно, ќе бидат принудени да се вратат на територијата на Израел? Мал број Палестинци и Израелци сакаат да ја спроведат првата опција, иако некои еврејски населби се модерни градови со десетици илјади жители. Најголемите населби имаат статус на градови: Модиин Илит (81.000 жители), Беитар Илит (63.000), Маале Адумим (37.000) и Ариел (19.000). Во Ариел постои истоимениот голем универзитет со околу 15 илјади студенти, кој соработува со универзитети од целиот свет. Иако меѓународната заедница ги смета за нелегални, распуштањето на еврејските градови во палестинската држава е практично незамисливо.
Ако веќе не можат да бидат дел од Палестина, некој ќе предложи овие градови да бидат припоени кон Израел и тоа е завршена работа. Но, и таквата опција изгледа невозможно, бидејќи тогаш палестинската држава не би имала континуирана територија, туку би била формирана од неповрзани дисконтинуирани енклави. Во тој случај Палестинците би морале да ја напуштат својата земја секогаш кога ќе посакаат да патуваат меѓу нивните градови (сегашната ситуација). Таквото решение е далеку од идеално. За да се надминат проблемите со еврејските населби и дисконтинуитетот на палестинската територија, некои експерти предлагаат размена на територија, при што Израел би се откажал од некој друг дел од Израел како компензација за анексијата на деловите на Западниот Брег што би ги задржал.

Модел на една држава

Моделот на една држава се нарекува и „бинационална држава“ и подразбира создавање демократска, секуларна држава во која Евреите и Арапите би живееле како граѓани со еднакви права. Оние што го поддржуваат решението за една држава генерално веруваат дека одвојувањето на Израелците и Палестинците во две држави е премногу тешко да се постигне. Населението е премногу испреплетено, а постигнувањето договор за прашања како што се границите, Ерусалим и палестинските бегалци е премногу комплицирано за решавање.
Веќе во текот на 1990-тите, кога се чинеше дека на повидок е решение за две држави, водечкиот палестински интелектуалец во тоа време Едвард Саид повика на формирање бинационална држава како алтернатива на мировниот процес во Осло. Тој тврдеше дека одвојувањето не е изводливо со оглед на мноштвото меѓузависности на двете нации. Имајќи го предвид тешкиот живот на Палестинците во енклавите, сè поголем број палестински интелектуалци и активисти, како што е филозофот Сари Нусеибех, неодамна повикаа на создавање бинационална држава. Тие претставуваат значаен глас на противење на Палестинската ослободителна организација (ПЛО). Исто така, некои истакнати Израелци повикуваат на бинационална држава, вклучувајќи ги и поранешниот пратеник на лабуристите и претседател на Кнесетот, Аврахам Бург, историчарот Илан Папе и социологот Јехуда Шенхав. Сите тие го делат верувањето дека трајно и праведно решение може да се постигне само преку бинационална држава, без разлика колку таквата состојба изгледа утопистички. Постои можност борбата за еднакви граѓански права да биде поуспешна од борбата за национално ослободување.
Некогаш истакнатиот израелски поддржувач на решението за две држави Аврахам Бург го прифати решението за една држава. „Четвртина век по Договорот од Осло, решението за две држави е во урнатини. Нема мировен процес. Останува многу малку надеж. А сепак, некако, сè уште треба да најдеме начин Израелците и Палестинците да живеат едни до други, со еднакви права, во една меѓународна граница. Време е за прогресивно решение за една држава“. Сепак, многу Израелци го гледаат неповолно решението за една држава како решение што ќе го уништи еврејскиот карактер на државата и ќе ја поткопа безбедноста на Израел. Давањето државјанство на сите Палестинци би ги направило Евреите малцинство и суштински би ја елиминирало единствената еврејска држава во светот. Од друга страна, формирањето бинационална држава би значело дека Палестина не би постоела како независен политички ентитет доколку воопшто постоела како ентитет во заедничка држава. Дополнително, решението за една држава сè уште со себе носи практични проблеми, од кои најважен е како да се одржи мирот меѓу два народа што се во судир повеќе од 70 години. Тие два народа би биле набиени во една држава и би морале да работат заедно преку државните органи, како и во приватниот сектор, за да живеат и напредуваат.

(Продолжува)