THE ALEXANDROFF CASE

Помладиот Александроф го проголта постариот Александроф. Кога и каде точно се случи тоа, не им беше јасно на обајцата, во секој случај не паметеа дека на ова дејство му претходеше некоја особено драматична ситуација, напротив, сѐ беше речиси безболно кога помладиот го голтна повозрасниот. Без какво било питонско одолжување или ајкулско изживување. Но, сега очигледно беа двајца во едно тело.
Сепак, овој гест некои би го нарекле непримерен, оти дури и во 21 век, кога вирологијата и човековите права доживуваат невиден подем, тој буди трпки низ ’рбетот.
Некои строги критичари веднаш видоа можност да потсетат дека Александроф постариот пред повеќе децении, кога беше млад, напишал некаков квазиманифест за љубовта, кој го насловил „Ethica antropofagon (осум правила за пристојно човекојадство)“. Ова е, велеа, малечок пример за неговото неумерено расприкажување, украсување, доизмислување на случките, тој би рекол – приказните, од животот. Секако, неговата т.н. изведба имаше извесна допадливост, некои од неговите следбеници тврдеа дека слушајќи го, им ги омекнува сетилата, им ја распостила имагинацијата, но повеќебројна беше спротивната група, на која Александроф постариот малку ѝ одеше на нерви со неговата претерана настојчивост да се биде невообичаен, односно неодговорен.
Да се вратиме малку пред непримерниот чин на голтањето. Значи, беа двајца, иако во исто тело, со исто презиме, но очигледно родени во различни години. Се подготвуваа да патуваат некаде заедно, затоа што со средно големи кожени куфери во рацете еден до друг брзаа кон железничката. Се прашувам зошто куферите беа од оние старомодните кожени, а не од овие практичните со тркалца и што чуваа двајцата Александрофци, да не кажам – сокриваа, во нив?
Купија билети за експресниот воз, се качија во него и со куферите меѓу нозете, а не горе на багажникот, патуваа до градот Б., каде што штотуку започнуваше меѓународниот собир „Литературата и транзицијата“.
На рецепцијата на хотелот ги пречека главната организаторка на собирот, спастрена и намирисана Македонка со ситни, светкави, скапи обетки и мало ланче околу вратот со нечитлива буквичка на врвот, која нервозно им се нафрли на англиски: – Where were you till now? Didn’t you know that the session was scheduled for 19.30? Па, му се обрати на рецепционерот на македонски: – Дај му го, те молам, клучот од собата. Па на Александрофци, повторно на англиски: – See you in ten minutes!
Повнимателниот читател сигурно забележа дека организаторката на собирот ги третира Александрофци во трето лице еднина, а не множина – очигледно не ги очекуваше, ниту ги гледаше како двајца, туку како еден. Што е всушност вистинското созвучје на оваа кратка белешка. Ако е така, прашува со право изиритираниот читател, откаде тој изнасилен, непотребен дел за „голтањето“? Па, оттаму, одговара авторот, и тој по малку изнервиран, што „голтањето“ во никој случај не треба да се сфати буквално, туку само како преносно, а суштинско втопување на „двајца во еден“, своевиден репродуктивно-магиски процес!
Откако ја истрошивме оваа свртувачка дискусија, да видиме што стана понатаму со Александроф(ците) и мистериозните куфери. Не се задржаа во хотелската соба (нормално, за едно лице, но со три врати, влезната, онаа меѓу ходникот и спалната и онаа од спалната кон вовлечената пријатна тераса каде што може, во пижами, да се испие утринското кафе) освен да се замијат од патот и да се пресоблечат во соодветни ленени костуми. Потоа пак ги затворија куферите и ги оставија во плакарот. Логично, забележува читателот, куферот служи во него да се држи средена преслека за пат. Но што се криеше под чистата преслека, испегланите кошули и пантолони, под неколкуте рала штотуку купени чорапи?
Но, Александрофците беа принудени да брзаат, па не го дочекаа лифтот, туку се стрчаа надолу кон конференциската сала, во која важната учесничка од Англија веќе ја излагаше својата тема „Тоталитаризмот и табуто“.
Организаторката строго ги погледна, давајќи им, со показалецот на устата, знак да бидат тивки и да седнат на слободното место во претпоследниот ред. Како што е веќе кажано, таа гледаше, а впрочем и другите, само еден Александроф, па тие многу внимателно, со тивок од, дојдоа и седнаа на празниот стол, меѓу учесниците што со сериозни лица, некои кимајќи со главите, ја слушаа англиската воведничарка.
И тогаш, додека на паузата од половина час, учесниците сркајќи кафе и грицкајќи сендвичиња од богатата кетеринг-понуда, се размрдаа и заприкажаа, се зачу како од работ на метежот, некој возбудено повика: – Слушнавте ли?! Страшна работа! Се случил грабеж! Каков грабеж? – извикаа македонските учесници на собирот. – What happened? – се возбудија подзинатите странци, некои сѐ уште не доџвакувајќи ги вкусните сендвичиња. – Robbery! Robbery! – со силен глас повторуваше жената организатор. – Oh My God…- се чу високиот тон на референтката, притиснувајќи ја дланката со скапоцен рачен часовник на градите. Завладеа еден своевиден метеж со испрекинат и гласeн noise од гласови, кога Александроф помладиот речиси незабележливо го стисна левиот рачен зглоб на постариот.
Зошто таков гест?, се вмешува читателот: – А куферите во собата? Капираш?
Да, помислува авторот, тука има нешто. Но се чини дека веќе не е подготвен, барем денес, да влегува во тие светови. Можеби во некоја друга пригода. Во некој друг ден.