„Послушност“ е тематска изложба на дела од уметникот Перо Кованцалиев отворена во Ликовната галерија од ЦК „Марко Цепенков“ во Прилеп, на која се претставени 20 скулптури што претставуваат акумулација на човечки уши изведени во повеќе материјали, бронза, алуминиум и полиестер. Акумулациите се изградени во неправилни низи и вообразуваат формации на неправилни форми.
– Без ред, продуктивноста и благосостојбата на граѓаните стануваат непостојни. Од друга страна, мора да се запрашаме колку општеството може да биде послушно без да ја изгуби поединецот својата индивидуалност, бидејќи општеството без индивидуалноста не се состои од луѓе, туку од програмирани робови. Човечката индивидуалност честопати е поткопана од слепата послушност што луѓето ја чувствуваат кон оние што се во позиција на моќ. За да може луѓето да ја задржат својата индивидуалност мора да се најде рамнотежа помеѓу послушноста и непослушноста. Давам одговор на прашањата како современиот уметник и воопшто современата уметност денес се одржуваат во системот на комуникација со институциите и општествениот живот. Колку уметникот денес е послушен пред институциите што ја претставуваат уметноста – вели Кованцалиев.
Проектот отвора општествени прашања и дијалози за моќта на авторитарноста и слепата послушност, за уметникот во општествениот систем, неговата активност и функција, како и индивидуалноста на поединецот во организираната подреденост.
На Перо Ковaнцалиев, мултидисциплинарен ликовен уметник чие творештво е поттикнато од идејата да се влијае на големите наративи со ликовни интервенции и дела што инспирираат и потикнуваат промени за одржлив развој, ова му е втора изложба во Прилеп. Со своите дела наметнува еден пацифичен начин на комуникација и овозможува видливост на маргинализираните теми потиснати од големите индустрии. Тој ја нагласува потребата да се земат предвид последиците од нашите постапки и важноста на одржливоста. Воден e од идејата, додека пак материјалот и техниката ги одбира во однос на темата за која говори. Работи експериментален цртеж, сликарство, фотографија, видео, ликовна инсталација, скулптура и кинетика.
Кованцалиев дипломирал на Факултетот за ликовни уметности – Скопје, на одделот вајарство, а постдипломски студии завршил на истиот факултет. Досега реализирал 12 самостојни изложби, а бил учесник и на групни изложби. Кованцалиев е добитник на наградата „Боро Митриќески“. Ка.М.