Почна СП за млади шахисти
Македонските претставници загубија во првото од предвидените 11 кола на Светското првенство (СП) за шахисти до осум, 10 и до 12 години, во Египет. На СП има вкупно 502 учесници од 66 држави, од кои четворица се ФИДЕ-мајстори (ФМ). Македонските претставници загубија од шахисти со повисок рејтинг или подоброрангирани пред почетокот на ова СП. Така, Ина Крумова (рангирана 44-та пред СП) загуби од Египќанката Гида Мохамед (1.182 рејтинг-поени, рангирана 13-та), Мартин Гоцев (рангиран 103-ти) од Летонецот Кристијанис Лазарс (1.464, рангиран 45-ти), Никола Петровски (1.427, рангиран 69-ти) од Виетнамецот Дук Нгуен (1.907, рангиран 24-ти) и Јован Вукашиновиќ (рангиран 86-ти) од Тевсас Перера (1.181, рангиран 41.) од Шри Ланка. Г.И.
ИОК одобри нови спортови за ЛОИ 2028
Бејзбол, софтбол, крикет (Т20), американски фудбал со знаме, лакрос и сквош се официјално вклучени како дополнителни спортови на програмата за Летните олимписки игри (ЛОИ) во Лос Анџелес во 2028 година, пишува Интернационалниот олимписки комитет (ИОК). Петте спорта беа предложени од Организацискиот комитет на Игрите, како пакет само за тоа издание на ЛОИ, а беа разгледани и поддржани од Комисијата за олимписка програма на ИОК и од Извршниот одбор (ИО).
За бејзбол, софтбол, крикет и за лакрос тоа ќе биде враќање на ЛОИ, а американскиот фудбал со знаме и сквошот ќе го имаат своето олимписко деби во Лос Анџелес. Бејзболот и софтболот беа дел од програмата на неколку изданија на ЛОИ, како и во Токио во 2021 година. Крикетот беше на програмата на ЛОИ 1900 во Париз. Лакрос беше вклучен на ЛОИ во Сент Луис во 1904 година и во Лондон во 1908 година.
– Изборот на овие пет спорта е во согласност со американската спортска култура и ќе ги прикаже иконите на американските спортови на светот, истовремено донесувајќи ги меѓународните спортови во САД. Овие спортови ќе ги направат ЛОИ 2028 уникатни. Нивното вклучување ќе му овозможи на Олимпиското движење да вклучи нови спортисти и публика во САД и на глобално ниво – рече претседателот на ИОК, Томас Бах.
Овој избор на спортови е резултат на темелен процес и анализа врз основа на критериумите за евалуација поставени пред почетокот на процесот, вклучувајќи ја и родовата еднаквост, се разгледуваше користењето на постојните капацитети, кои вклучуваат широк спектар на спортски заедници и во САД и на глобално ниво, и инкорпорирање на некои од најпопуларните спортови во САД и низ целиот свет, пишува ИОК. Н.М.