На Игрите, во 16 спорта се очекува да настапат 1.700 спортисти од 80 држави

Каратистите на Макпетрол, Витомир Трајковски (до 84 кг), прворангиран на светската ранг-листа до 21 година, и Стефан Стојановиќ (над 84 кг), рангиран трет на светската листа до 21 година, и двајцата во борби, ќе ја претставуваат Македонија на претстојните Светски игри во боречки спортови во Ријад (Саудиска Арабија). Карате-натпреварувањето ќе се одвива од денеска до недела. И двајцата изборија настап со норма, а таа беше да се биде меѓу првите осум на светската ранг-листа во своите категории, како што е и во сите други спортови. И двајцата се актуелни светски вицепрваци до 21 година од Коња (Турција) минатата година, а годинава освоија бронзи од Европското првенство (ЕП), исто така, до 21 година. Стојановиќ порано бил и европски шампион во јуниорска конкуренција.
– И двајцата каратисти се добро подготвени за своите настапи, па очекувам не само квалитетни борби туку и да се вмешаат во борба за еден од медалите. Нивното рангирање го потврдува тоа, а тоа што се актуелни вицешампиони е плус позитивен показател за тоа што можат да го остварат на татамите – вели тренерот на Макпетрол, Бошко Заборски.
Во Саудиска Арабија на Светските игри во боречки спортови се застапени 16 боречки спорта. На игрите се очекува да учествуваат 1.700 спортисти од 80 држави. Г.И.