Во издание на Здружението за уметност и култура на живеење „Дијалог“ од Скопје, деновиве излезе од печат нова стихозбирка од еминентниот македонски поет Санде Стојчевски, под наслов „Мост што звучи“.
Стихозбирката е објавена во рамките на едицијата „Современа македонска поезија“ и содржи 90 песни, во четири циклуси: „Гласови“, „Одгласи“, „Кругови“ и „Самодива“. Објавен е и обемен арс-поетички есеј од Санде Стојчевски, под наслов „Зрачењето и значењето на зборот“.
Во рецензијата за книгата „Мост што звучи“, епископот дремвитски Давид (Нинов), меѓу другото, пишува: „Во поезијата на Санде Стојчевски се појавуваат мноштво мостови, кои се речиси непристапни, но истовремено, кога ќе се зачекори по нив, се спасителни. Преку нив Стојчевски ја остварува можноста за целовитост. ’Случајната шара од мастило / што од стемнетиот облак се цеди’ е хоризонтот, кој открива нови предели на човековата егзистенција што ја надминуваат неговата вкалапена логика. Аскетската потрага по вистинскиот размер на човековото битие го вперува прстот кон Санде Стојчевски како поет на дејството, поет што е во постојана акција да го најде знакот на испреплетувањето на световите, а доколку не го најде, тогаш самиот да го создаде. Затоа, поезијата на Санде Стојчевски е исполнета со светоста на изненадувањето. Мостот озвучува дека поезијата на Санде Стојчевски претставува врвно достигнување на нашата модерна мисла, и не само нашата. Стојчевски коренито го преобразува јазикот и отвора комплетно нов хоризонт за смислата и улогата на поетот“.
Санде Стојчевски (1948) пишува поезија, литературна критика и есеи, преведува од руски и од јужнословенските јазици.