Овој четврток, оркестарот на Македонската филхармонија ќе го одржи концертот насловен „Гајрет“, на кој како солисти ќе настапат македонската перкусионистка Мојца Седеу и гостите од Турција – Бурџу Карадаг (неи) и Ајкут Коселерли (перкусии). Диригент е Лубнан Баалбаки, а на програмата се Концерт во два става за солист на удиралки и оркестар од Љубомир Бранѓолица, Концертот за оркестар „Хезафрен“ оп. 39 од Фазил Сај и Симфонија бр. 8 од Антонин Дворжак.
Љубомир Бранѓолица е уникатна фигура на македонската музичка сцена во втората половина на дваесеттиот век. Неговиот исклучително богат творечки опус вклучува опери и балети, камерни и хорски композиции, како и популарни песни. Важна карактеристика на неговиот музички опус е релацијата со традицијата, која најмногу е потенцирана во балетското творештво на овој автор, како и во Концертот за перкусии и оркестар напишан во 2004 година. Ова дело ѝ е посветено на македонската перкусионистка Мојца Седеу, која ќе биде солистка на овој концерт.
Фазил Сај е исклучителен турски пијанист и композитор, кој повеќе од дваесет и пет години активно настапува на светската музичка сцена. Музиката е со типично ориентален призвук во кој Сај, покрај класичните инструменти, во оркестарот користи и сансула, вибратофон, вотерфон, кои креираат специфична атмосфера и звук во овој концерт.
Антонин Дворжак (1841 – 1904) е еден од најзначајните композитори на музичкиот романтизам, композитор чии дела будат интензивни асоцијации на музичките традиции на Чешка, истовремено носејќи го печатот на романтизмот претставен преку широките мелодии и богатата оркестрација. Симфонијата број 8 е токму таков пример, дело во кое, како што композиторот самиот ќе напише, „мелодиите просто извираат од него“. Пишувана во 1889 година, Дворжак ја завршил симфонијата за многу кратко време и музиколозите често ѝ придаваат одлики на „пасторалност“.
Лубнан Баалбаки е роден во 1981 година во Бејрут и е најмладиот редовен диригент во Либанскиот филхармониски оркестар. Низ целиот свој живот Баалбаки бил опкружен од уметници од блиското семејство: сликари и музичари, кои ја создале инспиративната атмосфера што помогнала да се изгради неговиот музички пат.
Мојца Седеу дипломира во својот роден град Скопје. Специјализација за удирачки инструменти завршува во 1995 година на Државната музичка академија во Софија, во класата на проф. д-р Добри Палиев, а магистрира во 1997 година на истата академија. Специјалистички студии по камерна музика завршува во 1998 година. Првите оркестарски искуства ги стекнала на 16 години во Градскиот дувачки оркестар, потоа во Танцовиот оркестар на МРТВ, МОБ и Македонската филхармонија, а од 1994 е постојан член на Филхармонија. Како солист и камерен изведувач настапувала во Англија, Канада, Бугарија, Германија, Италија и др.
Ајкут Коселерли е роден е во Анкара во 1985 година. Дипломира на Факултетот за музички и изведувачки уметности на универзитетот Билкен. Во 2001 година станува член на Младинскиот симфониски оркестар на универзитетот Билкен, а во 2004 година и на Младинскиот оркестар на Анадолија, кој го води познатиот турски композитор и пијанист Фазил Сај.