Македонскиот репрезентативец Шортс, кој лани беше најдобар стрелец во Бундеслигата со просек од 20,6 поени, сега го презеде водството со 19,8 поени по натпревар, што може само да го радува македонскиот селектор Јончевски пред последните дуели од претквалификациите за ЕП 2025, со Словачка и со Норвешка, двете на гости, на 23 и на 26 февруари годинава

КОШАРКА

Македонскиот кошаркарски репрезентативец Ти Џеј Шортс ја презеде лидерската позиција на листата на стрелците во германската Бундеслига, што може само да го радува селекторот на македонската репрезентација Александар Јончевски пред последните натпревари од циклусот претквалификации за пласман во квалификациите за играње на Европското првенство (ЕП) во 2025 година.
Македонија треба да игра на гости со Словачка и со Норвешка, а тие дуели на програмата се на 23 и на 26 февруари. На македонската репрезентација ѝ е потребна најмалку една победа на овие два меча на гостински терен за сигурен пласман во квалификациите.
Плејмејкерот Шортс од екипата на Телеком Бон во почетокот на вториот дел од Бундеслигата одигра шест меча, на кои не беше со помалку од 15 постигнати поени, против Олденбург и против Алба уфрли по 30, а против Баерн 26 коша.
Пред крајот на минатата година македонскиот репрезентативец беше на осмата позиција на листата на стрелците, а сега е водечки, со остварен просек од 19,8 поени по натпревар. Веднаш зад него се Ерик Вашингтон од Хајделберг (просек од 19,7 поени по меч) и Прентис Хаб од Лудвигсбург (18,6). Во минатата сезона Шортс беше најдобар стрелец во Бундеслигата со просек од 20,6 поени. Г.И.